Магазинот „Репер“ објави интервју со познатиот македонски фотограф и фоторепортер Томислав Георгиев. Пренесуваме дел од интервјуто со еден од нашите најголеми мајстори на фотографијата.
Кога почнавте со фотографијата? Може ли накратко да ни го опишете мигот кога за првпат зедовте фотоапарат во рацете?
Со фотографија профеcионaлно се занимавам повеќе од 15 години, a претходно аматерски експериментирав со аналогни апарати. Бев посебно фасциниран од т.н. „темна комора“ и од магијата на настанувањето на позитивот. Првиот апарат што го имав, по неизбежната „Смена 8“, беше апаратот на мојот татко, класика „Зенит“ со расипан светломер. Потоа купив „Никон Ф50“ со сите нишани на сериозен аматерски фотоапарат, со кој од првиот црно-бел филм успеав да добијам висока награда, која, од денешна перспектива, веројатно ми го одреди натамошниот животен пат.
Ако во новинарството веста треба да ги содржи одговорите на сите 5+1 новинарски прашања, што треба да содржи една фотографија за да биде вредна за објавување?
Таа треба да ги даде истите тие одговори низ само една фотографија. Треба да ги преслика случувањата, да ги долови емоциите, да предизвика возбуда, да го задржи вниманието на оние што ја гледаат. Ако го има сето тоа, секако дека е вредна за објавување.
Дали фотографијата оди во правецот на медиумите по т.н. непишано правило дека лошата вест е добра вест? Кои слики, според Вас, успеваат повеќе – оние што раскажуваат трагична приказна или оние што пренесуваат приказна со хепиенд? Или, пак, тоа нема никаква врска во очите на гледачите?
Единствено добрата фотографија е таа што ќе го привлече вниманието на публиката, без оглед на тоа дали таа раскажува добра или лоша вест. Моето искуство покажало дека луѓето ја сакаат добрата фотографија, особено сега во ваквиот динамичен живот. Таа може да пренесува моменти на среќа или мигови на агонија и на беспомошност. Ако успеете да доловите успешно кој било од овие два момента, фотографијата ќе биде успешна и ќе привлече внимание.
Да кажеме дека еден фотоалбум е една приказна. Тогаш, какви приказни сака да направи Томислав Георгиев? Која е главната тематика во Вашите фотографии?
Фотографијата е слика на светот онака како што јас го гледам низ својот објектив. Тоа е приказна за мојот град, за тоа каков станал, каков сакаат да го направат, за луѓето во него, за настаните што нѐ допираат повеќе или помалку низ секојдневието што го живееме. Тоа се документи од различна природа: од политички, преку социјални, до теми што ја третираат екологијата; приказни за времето што го живееме и што го делиме сите заедно; слики што ги покажуваат промените низ кои минуваме и луѓето што ги прават промените.
Како поминува еден Ваш ден кога ќе решите да излезете на улица и да фотографирате? Дали Вашата професија воопшто има работно време? Сте се соочиле ли некогаш со опасности и дали некогаш би се осмелиле да бидете воен репортер (ако веќе не сте биле)?
Фоторепотерот нема работно време. Дури и кога не го носам со себе фотоапаратот (што е многу ретко), јас ги гледам настаните низ објективот. Забележувам слики и во главата ја правам композицијата. Што се однесува на военото репортерство, тоа секако е еден посебен предизвик. Кога ќе се најдете во ситуации што можеби се опасни, не размислувате за тоа. Единствено што сакате е да направите што подобра фотографија и да го пренесете што повпечатливо она што се случува пред вас. Знаете дека тоа можеби е единствениот начин јавноста да дознае што вистински се случува. Честопати се случува дури отпосле да сфатите на каква опасност сте биле изложени.
Целото интервју можете да го прочитате на веб-старницата на Репер. Фотографиите се преземени од Фејсбук-профилот на авторот.