Долгоочекуваната студија за валоризација на Парк-шума Водно конечно е изработена и за истата (денес од 12 часот во Советот на Град Скопје) е закажана јавна презентација. Истата е изработена во краток рок, но за жал во исто таков краток рок е и закажана презентацијата, се вели во јавната реакција на иницијативата Го сакам Водно.
Реакцијата на Го сакам Водно ви ја пренесуваме во целост:
Би сакале да потенцираме дека од студијата, а особено од специјалниот Законот за Водно се очекува негова апсолутна заштита, која не само што ќе го овери заштитениот статус кој го ужива од 1978, и кој е потврден 1991, туку истиот и ќе го надгради и обезбеди од сите они „тројански коњи“ кои се вметнати во неговото ткиво во последните децении и ќе се спротистави на оние маханизми кои го доведоа до оваа состојба во кое што е сега.
Од градоначалникот, како истакнат Скопјанец, очекуваме силна соработка на тема Водно но и СИЛЕН ЗАКОН, кој ќе гарантира едно зелено и чисто Водно. Нам ни е јасно дека Водно не може да се прогласи за Национален Парк, но имајќи ја неговата важност и специфичен однос со градот Скопје, апелираме јасно и гласно, да не се користи само оваа студија и истата да не биде алфа и омега при изработка на бараниот ЗАКОН ЗА ВОДНО.
Доколку се случи тоа сценарио, тогаш оваа студија е кукавичко јајце, чија цел е да се тргне, наместо да се потврди, заштитата на Водно, и истата да се девалвира по девизата „се по законот и прописите“.
Важноста на Водно за Скопјани оваа студија очигледно не може да ја опфати. Водно претставува зона во која граѓаните на Скопје „бегаат од градот’, а упорно се спомнува некаква интеракција и доближување на градот до планината. Не, нам не ни е потребен Луна парк на планина, со едно чудо содржини и адреналински атракции. Потребна е една мирна оаза, во која Скопјани би можеле да се релаксираат од напнатото секојдневие.
Сепак, и од нејзината првична верзија можеме да издвоиме неколку првични забелешки:
Најпрвин, може да се забележи дека границите на парк-шума Водно се намалени, односно од скоро 4.500 хектари површината е намалена на нешто повеќе од 3.900, на сметка на општина Сарај, Општина Карпош, Општина Центар, Општина Сопиште, но и Матка. Односно, јужната страна трпи покачување на границите поради ГУП на град Скопје и соодветните општински ДУП-ови, тука е исклучен и Сончев Град, но и една од порано строго заштитените зони, од кој лавовски дел сега треба да потпадне под Матка.
Исто така, степенот на заштита кој е предложен е од V категорија, односно заштитен предел. Ова загрижува затоа што на пр. степенот на заштита кој се бара за Матка е III категорија, споменик на природата, а за споредба со Законот за Гази Баба, која е парк од само 100 хектари, ужива заштита од IV категорија, односно парк на природата. Кој ги одредил границите и зошто се предвидува тој степен на заштита, а не минимум IV категорија, останува прашање кое треба да се одговори на јавната презентација.
Понатаму, самото зонирање како што е предложено, остава простор за идна злоупотреба. Иако постои зона на строга заштита, истата изнесува само 7%. Најголемиот дел паѓа под зона на активно управување(53%), но и прилично голем дел од скоро 40% е карактеризирано како Зона на одржливо користење. Токму во последнава зона за нас проблематични се некои дозволени активности, како на пр. домување, собирање и сеча на гранки и дрвја, нови објекти за ресторани и угостителство, инфраструктура, традиционално, но и интензивно земјоделство со придружни стопански објекти и тн.
Останува да чуеме што за сето ова има да кажат експертите кои ја изработувале оваа студија на претстоечката јавна презентација, и се надеваме дека ќе ги уважат нашите забелешки до јавната расправа, која би требало да биде закажана некаде во септември. Затоа што оваа студија, во ваква форма и потпирајќи се само на Законот за заштита на природата и на другите законски и подзаконски акти, не е во прилог на толку најавуваниот LEX SPECIALIS и повеќе наликува на веќе празната флоскула „се е по законот и прописите“.
Се надеваме дека Град Скопје покрај јавната презентација ќе одржи и барем две јавни расправи за студијата, а потоа исто така и барем две јавни расправи кога ќе биде изработен и Законот за Водно во форма на лекс специјалис, како што беше и најавен.
Секако, додека Законот е во изработка, би сакале да потсетиме дека беше најавен и план за пошумување на Водно, кое би требало да започне во ноември, но исто така дека со завршување на работите на гасоводот инвеститорите и изведувачите се должни пределот на кој е изведен зафатот да го вратат во првобитна состојба.