Култниот домашен состав „Suns“ го прославува 25-годишниот јубилеј од објавувањето на албумот „Мојот сон е само мој“ (1994, Коприва Рекордс), со објавување на ремастеризиран двоен, 180-грамски аудиофилски винил во издание на Corpus Delicti Records.
Слушачката промоција на новото грамофонско реиздание во Скопје ќе се случи на 6 септември (петок) во 21 часот во „Ла Кања“, со диџеј сет на Давид Ангелевски по промоцијата.
Освен во Скопје, промоција ќе има и ден пред претходно, на 5 септември од 20 часот во Куманово во клуб „Агора“, но и на 8 септември во Кочани во „Ирски паб“.
Оригинално, албумот е објавен во 1994 година на аудио-касета за „Коприва рекордс“, по десет години „Литиум“ го објавува како компакт-диск и 2018 преку kritika.mk и како дигитално издание.
Единствениот албум на „Suns“ го снимија Ѓокица Зафировски (гитара, вокал, клавијатури), Саша Павловиќ (бас) и Андреј Анастасов (тапани и клавијатури).
Албумот е снимен во ноември 1993 за 60 часови во „Go Go Studio“ во Београд. На две грамофонски плочи се наоѓаат вкупно 12 песни: „Двајца“, „Зборувам?“, „Мисли“, „Врне“, „Белег“, „Обид“, „Гајле“, „Карпа“, „Зум“, „Луѓе“, „Талог“ и „Мој“.