„Најважно е кои вредности ги делиме!“, пораките на овогодишниот АКТО фестивал

Битолскиот Широк сокак и оваа година беше сцена на уметничките игри кои се одвиваа во рамки на 14-тото издание на Фестивалот за современи уметности АКТО. Фестивалот оваа година се одржа под мотото „Прво леб па морал!“, кој ги обедини сите настани кои се одиграа на повеќе сцени низ градот од 29 до 31 август.

Во недостиг на галерија во Битола уметноста се одигруваше на отворено, на плоштадот Магнолија и по должината на Широк сокак.

Токму темата за недостаток од галериски простор го отвори фестивалот на 29-ти август во Центарот за култура во Битола, каде беше поставено прашањето „За галерија шо прајме?“.

Меѓу уметниците кои настапија со свој перформанс беше и Персефони Мирцу. Таа со својата уметност ги истражи односите меѓу две „непријателски“ држави како Турција и Грција, но се осврна и на односите меѓу Северна Македонија и Грција. Политичкиот естаблишмент кој ги злоупотребува националните страсти за да создава амбиент на антагонизам и нетрпеливост меѓу народите двата народи беше главната тема на нејзината уметност.

Хрватскиот уметник Синиша Лабровиќ пак се обиде да го сврти вниманието на јавноста кон состојбата во која се наоѓаат уметниците на Балканот, нивната финансиска неповолност, живеењето од проект на проект, немањето стабилна плата и неизвесната иднина.  Неговиот втор перформанс се осврна и кон мигрантската криза и користењето на мигрантите од страна на владите за сеење страв меѓу народот, ширење пропаганда и добивање политчки поени.

Проблемот со мигрантските бранови, кој расеа илјадници луѓе на улиците низ светот, го акцентираше и уметницата Тања Остојиќ со перформанс на плоштадот „Магнолија“.

Облечена како стјуардеса со два куфери во раце и со високи штикли, Остојќ се шеташе на плоштадот во Битола, по што застана и се соблече во костим за капење. Предизвикувајќи внимание кај минувачите таа го продолжи својот перформанс мачкајќи се со крема за сонце, по што се обиде да влезе во еден од куферите, а публиката и пријде на помош. Перформансот има за цел да ги позиционира во општеството оние кои се наоѓаат на маргините, кои се заробени помеѓу минатото и иднината, помеѓу бегството и потрагата по нов живот, кои го напуштиле својот дом во надеж дека своите корења ќе ги засадат на друго место. Меѓу нив се мигрантите, бегалците од војни, жртвите на природни катастрофи, но и уметниците кои лутаат низ светот за да заработат од својот талент.

На вториот ден од фестивалот беше изведена претставата „Приказна за окото“ во режија на Мартин Кочовски.

Младите волонтери на АКТО за прв пат оваа година направија свој проект. Тие ги фотографираа сите слогани/графити напишани на јавните места низ Битола, а кои ги има во изобилие. И пред позитивните и пред негативните оставаа семиња, а публиката ги понесе со себе само оние оставени пред позитивните слогани, како симболично ширење на добриот збор.

Фестивалот заврши со дискусија за проблемите во општеството водена од бројни познати актери.