Проекција на „Blue heart“ во Валандово на првиот ден од Глобалните климатски протести

На 20 септември, како прв ден од Глобалните климатски протести, ќе се случуваат најразлични акции, кампањи и маршови за барање на климатска правда низ целиот свет. Оттука, YFoE Македонија одлучија да го одбележат почетокот на ова глобално случување со проекција на документарниот филм „Blue heart“ и дискусија за климатските промени, ефектите и последиците врз целиот систем.

Филмот ја раскажува приказната за последниот див речен систем во Европа и луѓето што се борат да го заштитат.

„Најстарите диви реки во Европа се наoѓаат токму во срцето на Балканот и ‘Blue Heart-The fight for Europe’s last wild rivers’ прикажува како еден неверојатен и беспрекорен екосистем е нападнат од непотребни хидроцентрали планирани од страна на странски инвестиции и банки кои се закануваат на стотици ендемски видови и други животни да бидат комплетно избришани, а реките ништо друго освен да пресушат“, стои во најавата за настанот.

Филмот ќе се проектира на 20 септември во 18:30 часот во дворот на СОУ „Гоце Делчев“ Валандово.

На проекцијата се придружуваат и Fridays For Future од Валандово, кои за време на евентот ќе споделат повеќе информации за нивното движење и за неделата на глобалните климатски протести.

Сите заинтересирани за учество во настанот може да го пополнат следново: https://forms.gle/Q48kSFrTSBqKZuMJ6. Пополнување на формата не е задолжително, но ќе олесни во организирање на настанот и со планирање на превоз.

„Сите кои сакаат да бидат дел од глобалното движење за климатска правда, сакаат да изгледат добар филм и да разменат мислење и идеи и да се забавуваат се добредојдени! Ќе има и пица“, велат од YFoE Македонија.