Претстојното, деветто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица ќе се одржи од 1 до 5 јуни под мотото „Зад деветтото платно“.
Повеќето проекции и настани ќе се случуваат во Домот на АРМ и во Манастирот во Велјуса. Овогодинешни специјални лауреати на Астерфест ќе бидат еминентниот словенечки режисер Карпо Година и синеастот Ларс Хенрик Гас од Германија.
Година е добитникот на меѓународната награда Астер за врвни достигнувања во авторскиот филм. Година е роден во Скопје и важи за сестран филмски уметник и творец. Како режисер е потписник на целовечерните „Сплавот на медузата“ и „Вештачки рај“, како и на низа прекрасни документарни и кратки играни филмови, меѓу кои: „Сонце“, „Пикник в недела“, „За љубовните вештини“, „Здрави луѓе за разонода“ и многу други. Претставник е на „црниот филмски бран“ и се здобил со 40-тина награди за своите филмови. Бил професор по режија и камера.
На Ларс Хенрик Гас ќе му се додели почесно признание за вонсериски достигнувања во полето на светскиот краток филм. Гас е долгогодишен прв човек на престижниот Оберхаузенски фестивал на краток филм, филмски експерт и автор на бројни публикации за филмската уметност. За време на неговото доаѓање на чело на едно од најстарите филмски собиралишта, се случува исклучителен квалитативен подем. Тој веќе втора деценија успешно го менаџира фестивалот каде своите кариери ги започнале многумина веќе етаблирани режисери.
Официјалната компетитивна програма и овојпат е групирана во три интересни програмски категории со по седум филмови во секоја од нив.
Во категоријата „Глобална фикција“ ќе бидат прикажани: црногорскиот „Се’ тоа“ на Бранислав Милатовиќ со Славко Штимац во главната улога, францускиот „Синиот воз“ на Стефани Асимакопуло, рускиот „Втор ветер“ на Сергеј Цис, полскиот „Вили“ на Бартош Крухлик – според драма на Вуди Ален, британскиот „Кралот Џон, чин IV, сцена I“ на Џони Хурн и Џон Ласт – по мотиви на Шекспир, белгиско-францускиот номиниран за Оскар „Смртта на сенката“ на Том Ван Авермает, како и македонско-норвешкиот „Шумарот“ на Изер Алиу. Овие кратки играни филмови се своевидни есеи за животот и смртта, за љубовта и играта, за вечноста на животната игра.
Документарците групирани во категоријата „Ѕвездени документи“се исто така исклучителни филмски остварувања: „Тајни и сомнежи“ на Желимир Гвардиол од Србија, „Ќе те носам на море“ на Манца Филак од Словенија, „Утре ќе живееме пак“ на Корина Гисен од Германија, „Кралството“ на Бартош Крухлик од Полска, „Сарината ноќ“ на Ане Клеисен од Холандија, „Патот на Чана“ на Хуан Феликс Фернандез од Шпанија и „Нашите во Стамбол“ на Елизабета Конеска од Македонија. Овие документарни филмови се на некој начин кратки стории од посветени мајстори на филмскиот занает.
Анимирани филмови коишто ќе бидат прикажани во категоријата „Анимоушн“ се: „Мешани сеќавања“ на Маја Милановиќ-Лазаревски (Србија), „Алберт“ на Чаба Бардош (Унгарија), „Сестри“ на Леа Видаковиќ (Белгија), „Телесна меморија“ на Уло Пиков (Естонија), „Видов глувче на мачкин погреб“ на Дмитри Гелер (Русија/Кина), „Пети Бато“ на Пјер-Емануел Лиет (Франција) и „Кружно патување на сенката“ на Жарко Иванов (Македонија). Сите тие даваат еден нов поглед кон легендарните и чудесните естетски проблесоци на анимираното и цртаното филмско творештво.
Селекционата комисија која ги одбираше насловите за натпреварувачката програма беше составена од Сунчица Уневска, Гена Теодосиевска и Марјан Пецев-Захов.
Низ програмскиот блок „Мувиленд“ чијшто куратор е Влатко Галевски, оваа година има пресек на квалитетни кратки филмови од Словачка од последните години, видени низ занаетот на Филмската академија во Братислава. Притоа ќе се прикажат девет кратки филмски бисери, со шармантен и поетски став кон актуелни општествени теми.
Во ревијалната програма „Мери-Дионс“ ќе видиме неколку македонски филмови од надежни млади автори, меѓу кои и Лавинија Софрониевска со „Големиот Петар“, Даниел Трајков со „Изненадување“ и Илија Цветковски со „Душан“.
Извор: Strumicanet.com