„PMG Jazz“ организира концертна промоција на своето петто издание „Odron Ritual Orchestra“, на современиот џез ансамбл „Светлост“ која ќе се одржи утре (26 септември) во Младинскиот културен центар во Скопје.
Ова е прво дискографско остварување на групата Светлост – музички колектив основан во 2014 година од Нинослав Спировски, Дени Омерагиќ и Кристијан Новковски. „Odron Ritual Orchestra“ е студиска реализација на две композиции од голем формат, кои служат како лабави рамки за музичка интеракција помеѓу единаесетте музичари кои го сочинуваат овој проширен ансамбл. Музиката запишана на ова издание влече паралели со американскиот слободен џез од ‘60тите и европските струи во креативната музика во изминатите шест децении, делумно зачинет со карактеристики на она што популарно се нарекува „музика на светот“.
Овој концерт се најавува како исклучително ретка можност да се чуе ансамблот во живо, во полн состав. Билетите (во ограничен број) во претпродажба се по цена од 250 денари на билетарницата на МКЦ или онлајн.
„Светлост“ се:
Нинослав Спировски [кларинет / сопран & тенор саксофон]
Петар Христов [сопран саксофон]
Иван Трајаноски [алт саксофон / баритон саксофон]
Васко Бојаџиски [тенор саксофон]
Бисера Базер [тромбон]
Владан Дробицки [тромбон]
Кристијан Новковски [тапани / удиралки]
Драган Теодосиев [тапани / удиралки]
Константин Хаџи-Коцев [пијано]
Панче Бујуклиев [minibrute]
Дени Омерагиќ [контрабас]