Од 5 до 13 октомври во Кинотека, со исклучок на отворањето на 4-ти во „Милениум“, ќе се одржува четвртото издание на Интернационалниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“.
Фестивалот ќе биде отворен со со филмот-победник на годинашното издание на фестивалот во Карлови Вари, „Таткото“ на бугарскиот тандем Катерина Грозева и Петар Валчанов.
Според организаторите, седумте филмови во официјалната селекција од кои на крајот жирито ќе ги избере најдобрите, надополнети со неколку возбудливи споредни програми, се вистински мамец за филмските сладокусци и оваа година да го посетат фестивалот и да уживаат во понудената порција од совршени филмски колачиња.
„Балканската кинематографија во последниве години е таа која дава некои од највозбудливите авторски имиња, а меѓу нив рамноправно фигурираат и почетниците, оние со прв или втор авторски филм зад себе. Токму таквата ситуација и го детерминираше изборот фокусот во официјалната селекција да биде ставен токму на неколку нови и свежи во својот пристап балкански филмски остварувања, кои веќе зад себе имаат и неколку фестивалски награди“, вели Игор Анѓелков, програмски селектор на „КинеНова“.
Од грчка кинематографија доаѓа филмот „Сожалување“ на Бабис Макридис, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, соработникот на предводникот на т.н. „чуден бран“ во грчкиот филм, Јоргос Лантимос.
Бугарска кинематографија го „подарува“ неверојатниот филм „Прасето“ на храбриот Драгомир Шолев, „Шевови“ на Мирослав Тадиќ е достоен репрезент на српската кинематографија, додека „Алекси“ на Барбара Викариќ е претставник на новиот хрватски „женски“ бран во филсмката уметност.
„По минатогодишниот апсолутен ‘КинеНова’ победник, ‘Блискост’ на Кантемир Балагов, руското ново кино годинава на фестивалот достојно ќе го претставува прекрасниот „Човекот кој ги изненади сите’ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов“, вели Анѓелков.
Понатам уАнѓелков, од секогаш возбудливата јужноамериканска кинематографија, од Бразил го претставува симпатичниот „Сократес“ на Алешандре Морато, кој, вели тој, отворено зборува за ЛГБТ темата.
За жанровско збогатување на понудата во официјалната конкуренција, годинава „КинеНова“ нуди и еден документарен филм, германскиот „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус, приказна за ноќните дами крај еден автопат на северот од земјата.
Покрај овие седум остварувања во трка за наградите, фестивалот продолжува со претставување на возбудливи автори од современата турска кинематографија, па годинава гостинка е наградуваната Јесим Устаоглу. Потоа, тука се и петте филма кои се дел од „Лукс“ наградата на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „…Петрунија“ и „Медена земја“, како и пост-фестум проекциите од современата унгарска кинематографија.
„Секако, не смее да се заборави и специјалната проекција на контраверзниот документарен филм ‘Путиновите сведоци’ на Витали Мански, минатогодишен победник на фестивалот во Карлови вари. Сè на сè, од програмски аспект, четвртото издание на ‘КинеНова’ ќе биде едно од оние, незаборавните“, смета Анѓелков.
Директорот на „КинеНова“, Небојша Јовановиќ, се согласува со Анѓелков дека програмски го имаат најквалитетното и најиздржано фестивалско издание. Но, вели тој, она што посебно избликнува од оваа програма е токму филмските автори и дела кои пркосат со храброста и одлучноста да се промени лошата реалност. Во тој контекст, нагласува, имаат храбри филмови кои одлучно доаѓаат до сржта на проблемите.
Тој потенцираше дека „КинеНова ММФ“ не отстапува ниту милиметар од својата авангардна патека.
„Имам чувство дека во последниот период некако се заборави на зборот авангарда, на работите, луѓето и делата кои се авангардни. Како сите да не можат да дишат или да преживеат и духовно и материјално доколку не се дел од општата колотечина, од главниот тек на работите, од сеопштата матрица која мора да не води таму каде што сите треба да одат иако баш и не се знае каде. А, ако нешто треба да биде вистински живо, како што сите сакаме, тогаш тоа треба да е со слободна волја и самодетерминирано, како што велат аксиомите на животот“, рече тој.
Ако типичните фрази на современата македонската општествена стварност се: „Ја нисам одавде!“ или „нас никој не не прашал или кажал„ или „јас немам врска со тоа“ или „кој го прашува народот“, тогаш, вели Јовановиќ, „КинеНова“ како простор за уметнички пркос, како една противречна сила која се спротивставува на производите на масовната култура и на општите текови за целосна индустријализација на сите општествени сегменти.
„Го свртува вниманието кон оние кои гребат под површината, оние кои имаат став и велат: ‘Не може без нас да не’ прашаат; јас можам да направам нешто заедно со другите“, нагласи Јовановиќ.