Младите излегоа на марш во Скопје против климатските промени, потпишуваат петиција до Влада

Со транспаренти во рацете со кои се бараат мерки за спречување на климатските промени, но и потпишување петиција до Владата, активистите од FridaysForFiture Skopje, го започнаа протесниот марш од Министерството за животна средина барања до Владата.

Петиција до Владата ја потпишуваа граѓани, минувачи, учесници на протестот. Со неа, меѓу другото, се бара прогласување климатска криза во државава, но и создавање на посебен национален корпус за справување со неа.

Младите бараат преминување до 80% обновливи извори на енергија до 2030 и 100% до 2050 година, подобрување на јавниот транспорт и креирање на план за минимизирање на употребата на автомобили. Исто така и имплементирање на климатските проблеми во формалното образование.

„Тука сме за да ја заштитиме планетата Земја, затоа што е една, и да дадеме порака за младите дека иако сме мали може да направиме големи промени, да не видат можеби тие што можат да направат нешто,“ објаснуваат неколку демонстрантки, инаку средношколки во гимназијата „Орце Николов“.

Иако од иницијативата повикаа училиштата да ги ослободат учениците за овој важен протест, тоа не се случи.

„Не сакаа да не пушат од училиште, се обративме кај службатата и ни одговорија дека без да им дозволат од Министерство не смеат да не пуштаат од часови, бидејќи тие биле одговорни ако нешто ни се случи. Ако бегаме од часови ќе ни пишат неоправдани. Значи не бевме никако поддржани, “ додаваат средношколците за Радио МОФ.

Инаку, ова беше само еден од низата активности од изминатата Недела за иднината. Почнувајќи од 20-ти септември, на светско ниво започнува глобална климатска акција на секојдневни протести. Тајмингот на протестите беше одбран за да се зголеми притисокот кон светските влади за Самитот за климатска акција на Обединетите Нации во Њујорк, но и Конференцијата за климатски промени во Сантјаго де Чиле во декември.

Настаните, рекоа од иницијативате, се клучни за одлуки за задржување на глобалното загревање под критичната граница од 1.5 степени Целзиусови.

Локалните актививисти од повеќе еко-организации и иницијативи не запираат тука. По оваа Недела, продолжува т.н. #ЕкоРемет.

„Оваа наша состојба е толку ужасна, да не смее да се дозволи да продолжи со сегашново темпо на (не)решавање“, велат еко-активистите.