Со скандирање на пораката „Воздух и во зима, политики за клима!“, и марш од Министерството за животна средина до Владата, младите побараа од институциите конкретни мерки како одговор на глобалната климатска криза што не ја одминува ниту земјава.
Петте барања ги залепија столбовите од отстранетата ограда на владината зграда.
„Ако ги искинат, следниот пат ќе ставиме 10 барања. И се така додека не ги исполнат нашите барања“, порача Иво Босилков, од #FridaysForFuture.
Неговиот истомисленик, Никола Јовановски, ја замисли иднината на Скопје.
„ Замислете го Скопје, сосема зелено, да можеш да дишеш. Одозгора металик сино со соларни панели, да ти е мерак. Реално таа е иднината што може да ја имаме. Ние сме луѓето што ќе одлучиме како ќе биде. Пречка е тоа што климатските промени се планина со врв позади која има друг врв… нема бегање, мора да се искачиме и да го надминеме предизвикот. Проблемот е дали ќе паднеме еднаш или три пати. Јас не сакам да паднам три пти. Тоа значи дека некој ќе умре. Ќе биде само полошо“, рече Јовановски во својот говор.
И активистот Владимир Куноски повика на акција.
„Многу работи и ние постарите не ги знаеме. Бројот на заболени од рак драстично е зголемен последните 20 години поради околината во која живееме. За жал, нашите генерации ги гледаат силните кеш интереси и нипто друго. Да ги разбудите вашите другари и родители. Со секое дете треба да дојде барем по еден родител нареден пат“, истакна Куноски кој спомена дека се уште стои линданот во Охис и нема инспекција во Дрисла.
Присутните порачаа дека е неопходна итна акција, а институциите мора да си ја завршат својата работа.
За време на маршот кон Владата, демонстрантите не се осмелија да ги запрат автомобилите, туку се движеа по тротоарите. Претходно пред Министерството за животна средина започнаа петиција за Владата на која се потпишуваа граѓани, минувачи, учесници на протестот.
Младите излегоа на марш во Скопје против климатските промени, потпишуваат петиција до Влада
Со неа, меѓу другото, се бара прогласување климатска криза во државава, но и создавање на посебен национален корпус за справување со неа. Младите бараат преминување до 80% обновливи извори на енергија до 2030 и 100% до 2050 година, подобрување на јавниот транспорт и креирање на план за минимизирање на употребата на автомобили. Исто така и имплементирање на климатските проблеми во формалното образование.
Инаку, ова беше само еден од низата активности од изминатата Недела за иднината. Почнувајќи од 20-ти септември, на светско ниво започнува глобална климатска акција на секојдневни протести. Тајмингот на протестите беше одбран за да се зголеми притисокот кон светските влади за Самитот за климатска акција на Обединетите Нации во Њујорк, но и Конференцијата за климатски промени во Сантјаго де Чиле во декември.