Петтото издание на фестивалот „Култиватор“ се организира од 30-ти септември до 3 октомрви во Кино Карпош, BKW и Минус Еден. Четири дена музика, дизајн, филм и фотографија во Скопје, разновидна програма од повеќе културно уметнички жанрови и правци, од земјата, но и од Белград, Софија, Нотингем, Манчестер, Берлин, па дури и од Совето (Јужноафричка Република).
Филмската програма оваа година е сочинета од 9 филмови од претежно млади македонски режисери. Во Кино Карпош ќе има проекции на Неонски Срца (Ана Јакимска, 2019), Јас не сум Игор (Сергеј Георгиев, 2019), Без врска (Раша Петровиќ, 2018), Малина (Анастасија Лазарова, 2018), Мишко (Ханис Багашов, 2018), Поло (Тамара Котевска, 2019), Без љубов (Дина Дума, 2017), Обид за среќна приказна (Лавинија Софрониевска, 2018) и Вера (Верица Недевска 2019).
Музичката програма во понеделник ќе ја отворат два фантастични домашни состави. Саше и Џими, домашното блуз дуо и нивниот бенд In The Mood кои ќе свират во Кино Карпош, додека во BKW ќе има фузија на dream-pop, R&B, shoegaze, samba soul, neo-soul и модерен џез во интерепретација на Шамба, музичкиот проект на Бојан Петковски. Потоа се отвора 2019/2020 сезоната на Минус Еден, каде ќе настапи исклучително квалитетниот Stevie Whisper [YES, Belgrade]. Она што го прави уникатен се неговиот еклектичен стил и панкерскиот пристап кон селекција на клупски ориентирана музика, редок примерок на регионалната и светската андерграунд сцена. Со него ќе настапи резидентката Еми Ермилова.
Вторник ќе биде денот на модата. Покрај дизајнерските парчиња на Aumanufaktur, Factory Girl, Zanov, Теодора Митровска, Мирјана Јосифовска, PINC Shop, Авангарда, Мала Камила, ОМА, Dreadpen, Pop Corn, REД, Arthropoda, и КК Фан Шоп, кои ќе бидат изложени за време на целиот фестивал во Дизајнерската продавница во Кино Карпош, во BKW ќе се отвори изложбата на модна фотографија на фантастичниот македонски фотограф, Горан Поповски. Фотосесијата е целосно фотографирана во BKW. А бидејќи е ден на модата, вторничката вечер во Минус Еден ќе ја преземат модерните домашни момци Марко Рикалоски, Соул Кејс и Укс, кои ќе ја отворат најоткачената клупска резиденција во градот, IDEMO TUESDAY.
Во среда во Минус Еден исто така сме домаќини на гостин од Србија. Пристигнува Никола Вемиќ, диџеј кој потекнува од Белград. Покрај својот селекторски талент, познат е и по програмската работа на Love Fest во Србија. Со него настапуваат Флудер, кој воедно ќе ја продолжи и својата резиденција во среда, и Андреј Мицајков. Во BKW ќе настапат Трансмишн 3, трет собир на Култиватор на ова прекрасно друштво, коалиција на музички жанрови, предводени од аналогни звуци и балкански непарни ритмови во транс бит.
Затворањето на Култиватор оваа година ќе биде со диско иноваторите Crazy P кои се враќаат во BKW, откако се вратија и на светскиот врв со новиот албум „Age of the Ego“. 2019 година носи нов вајб и чувства од една од најомилените групи на мултиталентирани компизитори, инструменталисти, диџеи, продуценти и изведувачи во живо. По 30 милиони стримови на нивниот претпоследен албум, распродадени свирки во Манчестер и Перколат во Лондон, настапувајќи со „Chic“ и „Chaka Khan“, на реномираниот Love International Festival и Boiler Room серијалот во Бали, бендот од Нотингем е во поголема побарувачка од било кога!
По завршувањето на нивниот настап, во Минус Еден, програмата ќе биде зокружена со настапот на Тама Сумо, Лакути и Ивана Драгшиќ. Срце, емоција и страст наместо чиста функционалност – се диџејските карактеристики на Керстин Егерт а.к.а Тама Сумо. Својата кариера ја започнува во 1993 година во во барот Драма лоциран во култниот Кројцберг (Берлин), еден од првите барови што букирал свој диџеј секој викенд, важно место за развој на сцената пред таа да замине во клубовите. Незадоволна од сувата статика на пуштање музика, сетовите на Тама опфаќаат широк спектар на хаус, техно, џез, диско, брејкбит, соул, фанк, афро бит.
Малку зборови има да се опише Лерато Кати или Лакути, страшна познавачка на чикаго хаус и вистински бастион на црната и квир музика во сцената. Таа е основачка и го раководи еминентниот UZURI Recordings & Bookings. Тама Сумо и Лакути се тимот зад проектот Bring Down the Walls, а заедно курираат и дел од Finest Friday резиденцијата во единствениот Berghain / Panorama Bar, каде угостиле круцијални фигури на хаус музиката, како Кајл Хол, Џеј Дениел, Марселус Питман, Кариста и други.
Карти во претпродажба за четврточните шоуа во BKW и Минус Еден се во претпродажба во Кино Карпош и BKW , а влезот на останатите настани на фестивалот е слободен.