Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2019 година од областа на ликовната критика.
Комисијата на Здружението на ликовните критичари АИКА Македонија во состав Мира Гаќина (историчар на уметноста и куратор), Славчо Димитров (теоретичар на културата) и Бојана Јанева-Шемова (историчар на уметноста и куратор), по разгледувањето на повеќе доставени предлози донесе одлука наградата да му ја додели на Владимир Јанчевски за неговиот предлог истражувачки проект „Политички слики после смртта на уметноста: Фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата“.
Наградата „Ладислав Баришиќ“ има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.
„Предлог проектот на Владимир Јанчевски тргнува од историското, светското и регионално наследство, место, значење и впечаток што го имаат оставено во историјата на уметноста различните политички ангажирани уметнички практики на сатира, карикатура и фотомонтажните слики, за да истите ги смести во современиот локален контекст, и понуди интерпретативна рамка и теориски и методолошки издржана перспектива за читање и контекстуално – сензитивно сместување на овие практики во современиот македонски контекст (2009/2016г.). На овој начин, вредноста на предложениот проект е, најмалку, тристрана. Од една страна истиот нуди поширок историски преглед на фотомонтажата и сатирата како политички ангажирани уметнички форми кои својата интервенција ја пренесуваат од автономно-уметничката сфера директно во полето на политичката арена. Од друга страна Јанчевски има за цел да ги истражи сликовните техники и стратегиите, и политичките импликации на фотомонтажните сатирични слики, како директен израз на протестната визуелна култура во специфичниот и автократски карактеризиран политички контекст на Македонија, што му ја дава и третата вредносна димензија на овој предлог проект“, велат од Здружението на ликовни критичари.
Јанчевски фокусот го става врз огромната архива на сатирична хроника продуцирана во посочениот период од страна на значаен број уметници и уметничко-активистички и протестни групи. Сите овие слики, како што тврди Јанчевски, „претставуваат еден богат иконографско-јазички трезор и сведоштво за раскошната, „барокна“ имагинација на авторите, откривајќи ја притоа специфичната екстравагантност на Власта.”
Владимир Јанчевски (1984 / Скопје) е самостоен истражувач кој живее и работи во Скопје. Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката практика и теоријата на сликите, потоа ангажираната уметност, интервенции во јавен простор и социополитички феномени, како и современите форми на цензура и иконокластички акти.
Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност. Организирал повеќе самостојни и групни изложби. Во 2018 година поканет како ко-куратор на 12-тото Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност-Скопје. Учествувал на панел дискусии и одржал јавни предавања во Скопје (УГД-Штип/Музеј на Македонија, 2018; ФЛУ, 2018, 2016, 2015; СЦ Дуња, јули/септември 2017; Фестивал „Другаприказна“ МСУ, септември 2017), Битола (Фестивал за современи уметности АКТО 2013, 2014,2018), Струга (ДримОн, јули 2015), Фрајзинг/Минхен (Open Sysyems, јуни 2014) итн. Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции организирани од универзитети во Риека, Будимпешта, Клуж, Скопје и др.
Како дел од јадрото на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА (2012-2015), коорганизирал, кокурирал, модерирал и пишувал за петнаесетина интернационални настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии посветени на актуелни теми. Автор е на повеќе од 50 текстови за современата уметност, теоријата на сликата, како и текстови за современите визуелни уметници .
Доделувањето на наградата е финансиски овозможена со подршка од Министерството за култура Република Северна Македонија и донација на семејството Баришиќ.