Студенти на Филозофскиот факултет ја поставија пораката „Непристапно за лица со телесна попреченост“ на повеќе локации низ факултетската зграда како: прагот на тоалетите, скалите, влезот…
Идејата е да укажат на секојдневните бариери при движење со кои се соочуваат нивните колеги со физичка попреченост.
Активноста беше дел од Меѓународна студентска конференција за специјална едукација и рехабилитација што се одржа од 13 до 15 септември на Филозофскиот факултет.
„Лицата со попреченост и нивните семејства сè уште се соочуваат со сериозно прекршување на нивните човекови права и основни слободи, секојдневно се соочуваат со стигматизација и сегрегација, непристапност до соодветни услуги, воспитание и образование, можности за вработување поради системски недоследности, недостаток на соодветно обучени кадри и сервиси за поддршка како и практикување на медицинскиот модел на попреченоста наспроти социјалниот модел“, се дел од проблемите кои ги забележуваат од Здружението на студенти на специјална едукација и рехабилитација, кои се организатори на конференцијата.