Со #СегаКажувам #КадеНеОдам започнa втората сезона на емисијата „Јасно и гласно“ на Радио МОФ. За стравот, молкот, предрасудите и сексуалното вознемирување на жените разговараме со писателката и професорка Румена Бужаровска, како и со активистката Калиа Димитрова, уредничка на феминистичката платформа „Медуза“.
„Важно е да не се игнорираат проблемите. Родовата нееднаквост се случува на секое ниво во општеството, па така треба и да се решава. За почеток, (треба) отворено да се зборува на овие теми, особено од младите“, порача Димитрова.
„Родовата нееднаквост ја гледам како основна човекова нееднаквост. Така сме се навикнале што веќе не ја ни забележуваме, а ни се наоѓа во основата на семејството“, вели Бужаровска.
Бужаровска и Димитрова говореа за двете онлајн кампањаи „Сега кажувам“ и „Каде не одам“, во кои жените споделуваа лични искуства со сесксуално вознемирување на улица, на работа, на факултет…
„Едно од највознемирувачките нешта од кампањите #СегаКажувам и #КадеНеОдам ми беше многу големата бројка на жени кои биле жртви на сексуално вознемирување“, вели Бужаровска и додава дека најмногу ја вознемириле неколу приказни на жени кои се охрабриле да зборуваат за силувањата во кои самите биле жртви.
Димитрова пак укажува дека е страшно тоа што постојат многу места на кои жените се чувствуваат небезбедни.
„Од реакциите на #СегаКажувам, страшно е што поголемиот дел од исповедите беа поврзани со образовните институции #ЈасноИГласно. Читајќи ги сведоштвата од #КадеНеОдам размислував за тоа што значи јавен простор, каде жените треба да се чувствуваат безбедни“, дополнува Димитрова.
Отсуството на институционална реакција е сериозен проблем, велат соговорничките. И двете се согласуваат дека јавно искажаната поддршка од страна на инстуциите е недоволна мерка за да направи сериозна промена.