Со црвена облека, црвен превез преку очите и бели ракавици и чизми, супер-хероината Супер Текстилка денес од 18 часот ќе „долета“ во просториите на Здружението „Гласен текстилец“, каде e најавена уметничка изложба.
„Супер Текстилка“ е стрип, чиј главен лик треба да им помогне да работниците да се борат за своите права.
Авторка на стрипот е Теодора Ѓорѓиева, активистка во „Гласен текстилец“ и студентка на Ликовна академија – УГД. Таа за Радио МОФ вели дека идејата е да ги охрабрат работничките да се солидаризираат и здружуваат.
„Искрено, повеќето од нив се плашат да го дигнат својот глас, нели, дека ‘ова е најдоброто што може да биде’ и слично. Но, сите добро знаеме дека тоа не е точно. Правата им се прекршуваат секојдневно. И тоа со мобинг, со платите, со условите со кои работат, со несоодветно работно време. Целта на овој стрип е да ги охрабрабриме да застанат, гласно да кажат: ‘Тоа не е во ред!“. Да продолжат да се борат. Со таа борба ќе се постигне многу (што ќе им го подобри животот и работниот статус н.з.). Ако се здружиме сите заедно, ќе се подобри ситуацијата“, вели Ѓорѓиева.
Стрипот „Супер Текстилка“ е мал формат, хартиена форма. Веќе е испечатен. Исто така, поголем формат со супер-хероината ќе биде претставен на изложбата.
Плус, најавува Ѓорѓиева, ќе биде достапен бесплатен примерок од стрипот за посетителите во „Гласен текстилец“.
„Мислам дека и наредната ‘Текстилијада’ ќе има ваков стрип. Ќе видиме. Сега за сега, овие примероци ќе се поделат на настанот, а потоа, ако останат некои – ќе одлучиме што ќе правиме со нив“, вели младата авторка и активистка.
Инаку, изложбата на „Супер Текстилка“ ќе биде во склоп на овогодинешната „Текстил-и-јад-а 3“. Овој пат, името на настанот од 11 до 13 октомври е „Позитивни примери од регионот – синдикати, организации и институции здружени за подобри работнички права“.
„Настаните од социјален и уметнички карактер имаат за цел да поттикнат млади и работници да се вклучат во процесите на одлучување. Преку настаните да им се прикаже на јавноста за потребата од подршка за подобрување на правата на работниците“, рече организаторот „Гласен текстилец“.
Од таму дополнуваат дека настаните ќе ги мотивира учесниците да излезат од рамките на сегашната пракса и за започнат да дејствуваат социјално, ангажирано и одговорно. Здружено и сложно да се дејствува за потребните промени.
„Некогаш работниците биле во центарот на културните случувања, а сега се оставени на маргините, културно и социјално отсечени. Овој настан има за цел да ја врати културата и уметноста помеѓу работниците“, објаснува „Гласен текстилец“.
Бојан Шашевски