Во скопската Зоолошка градина денеска почна да се гради првиот Дино парк – тематски парк со забавно-едукативен карактер кој ќе нуди забава и едукација за посетителите.
Дино паркот ќе се простира на површина од околу 2.000 квадратни метри, а во него ќе се постават 41 фигура од различните видови праисториски животни кои ќе бидат во природна големина и со синхронизирани движења, проследени со звуци, соопштија денеска од Град Скопје.
„За изградбата на овој парк предвидени се околу 20 милиони денари распоредени во 2 буџетски години. Веќе во првата половина од следната година планираме паркот да биде завршен и отворен за посетителите“, изјави градоначалникот Шилегов.
Според проектот, предвидено е Дино паркот да има два влеза, еден влез од внатрешноста на Зоолошката градина и уште еден од страната на Градскиот парк. Во паркот ќе бидат распоредени сите придружни елементи – патеки, зеленило, билетарница, тераса и дел за одмор. Од Град Скопје информираа дека патеките ќе бидат изградени од обработен камен, а дека постојното зеленило ќе се надополни со ново.