Синоќа, во склоп на програмата на Филмскиот фестивал во Рим се случи гала светската премиера на филмот „Врба“ во режија на Милчо Манчевски. По проекцијата, екипата доби огромен аплауз и позитивни реакции од публиката.
Предводени од режисерот, трите актерки Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски поминаа на црвениот килим во Аудиториумот Парко дела Музика. Покрај нив, на фестивалот присуствуваа и продуцентот Јане Ќортошев, директорот на Агенција за филм Горјан Тозија, Министерот за култура Хусни Исмаили и Магдалена Димова, вршител на должност при Амбасадата на Македонија во Рим.
Денеска и утре следуваат уште две фестивалски проекции, а наскоро филмот ќе има македонска премиера, по што ќе биде на редовниот репертоар во скопските киносали.