Монодрамата „Океанот“, според мотиви на „Психоза 4, 48“ од Сара Кејн, во недела 21 октомври ќе биде изведена во „Кино Култура“.
Во „Океанот“ игра Симона Димковска, а режијата е на Драгана Гунин.
„Ова не е класична изведба по мотиви на еден познат драмски текст во кој отворено се говори за самоубиството и се следат последните мигови од животот на Сара Кејн. Ова не е ниту авторска и документарна претстава на младата актерка Симона Димковска. „Океанот“ е сериозна монодрама во која актерката со својот огромен потенцијал ги вади океанските длабочини на внатрешното битие распострирајќи го низ неколку кратки темати – машко-женските односи, родителите, пријателите, лекарот (режисерот Милош Б. Андоновски се јавува како гласот на лекарот) и системот, воопшто, кои пак се драматуршки поставени како интермеца меѓу сличните парчиња од драмата на Кејн“, напиша за монодрамата Ана Стојаноска, театролог.
Претставата е во копродукција со Кино Култура, Театар на Навигаторот Цветко. Проектот е финансиран од Министерство за култура.