Голема викенд акција за засадување дрвја во двор и на јавни површини

Граѓанската иницијатива „Засади дрво, не биди трупец“ се приклучува на регионалната иницијатива за колективно садење дрвја овој викенд (26 и 27 октомври).

Од иницијативата посочуваат дека во Македонија досега се приклучија 1256 граѓани, како и неколку основни и средни училишта, приватни компании и расадници.

Така, во рамки на „Деновите на колективно садење дрвја во Македонија”, денеска на јавната површина до скопската гимназија Зеф Љуш Марку ќе се спроведе акција на засадување дрвја, а настанот го поддржаа и Град Скопје, Јавното претпријатие Паркови и зеленило од Скопје,а Халк банка Македонија ги обезбеди садниците преку мобилната апликација HalkEco.

Целта на акцијата е да ги охрабри сите граѓани самоницијативно, доколку се во можност, да засадат дрво првично на својот приватен посед, а доколку обезбедат дозвола и во парковите пред зградите или за тоа одредени површини. Повикани се и останати колективи, групи, компании, доброволно да се приклучат кон акцијата и викендов да засадат што е можно повеќе дрвја на приватни или јавни површини во Македонија, индивидуално или во соработка со локалната самоуправа.

Акцентот е ставен на садењето дрвја, доброто на заедницата и граѓанскиот активизам. Иницијативата инаку ја започна група ентузијасти во Хрватска, по што масовно се рашири во регионот.