Со идеја да го отргнат општото сивило на градот, студентите од Драмскиот факултет во Скопје ги најавуваат интернационалните студентски средби „Скомрахи 2019“.
Годинава фестивалот за филм и театар ќе се одржува од 1 до 5 ноември на Факултетот за драмски уметности, каде пред публиката ќе се претстават студентите од aкадемиите и факултетите за драмски уметности од регионот.
„Оваа година се осврнуваме на врската помеѓу објективната и драмската реалност со цел да ви докажеме дека уметноста може да ја измести реалноста на подобро. Инспирирани од рубиковата коцка која најчесто симболизира симетрија, ред кој доаѓа од хаотичен и за секого различен пат кон стигнување на решението. Налик, нашиот процес на создавање претстава или филм“, велат организаторите.
Фестивалот ќе започне со прославата за 50-от јубилеј на Факултетот за драмски уметности, во чија организација ќе се вклучат и студентите од сите претходни генерации кои биле дел од факултетот.