Твитер ќе забрани секаков вид на политичко рекламирање на нивната платформа, објаснувајќи дека досегот на таквите пораки „треба да се заслужи, а не да се купи“.
„Иако интернет рекламирањето е неверојатно моќно и многу ефективно за комерцијалните огласувачи, таа моќ носи и голем ризик за политиката“, напиша директорот на Твитер, Џек Дорси.
We’ve made the decision to stop all political advertising on Twitter globally. We believe political message reach should be earned, not bought. Why? A few reasons…
— jack (@jack) October 30, 2019
Твитер оваа новина ќе почне да ја спроведува од 22 ноември, а целосните детали ќе ги соопшти до 15 ноември.
Овој потег ќе претставува притисок за Марк Закерберг кој пред само две недели најави дека не планираат да ги забранат политичките реклами на Фејсбук.
Дорси вели дека интернет политичките реклами претставуваат сосема нов предизвик за граѓанскиот дискурс.
„Овие предизвици вклучуваат оптимизирање на пораки преку машинско учење, микро-таргетирање, непроверени дезинформации и „дипфејк“ техники. Некредибилно е ние да речеме дека работиме напорно на тоа луѓето да престанат да ги изигруваат нашите системи ширејќи погрешни информации, но доколку некој ни плати да таргетира и да принудува луѓе да му ја гледаат неговата политичка реклама… тогаш, можат да кажат било што!“, додава првиот човек на Твитер.
Платформата и понатаму ќе дозволува реклами на содржини кои повикуваат на регистрирање за избори.
Одлуката наиде на поделени мислења кај американските политички страни, кои ги чекаат претседателски избори во 2020 година.
Бред Парскал, менаџерот на кампањата за реизбор на Доналд Трамп, изјавил дека потегот на Твитер е „уште еден обид да се замолчи Трамп и конзервативците“. Портпаролот на кампањата на еден од кандидатите во Демократската партија, Џо Бајден, изјавил дека „при изборот помеѓу доларите од реклами и интегритетот на демократијата, охрабрувачки е што, конечно, профитот не победил“.