Операција Билка: Законот им овозможува на бизнисмени да одгледуваат канабис и да профитираат на сметка на пациентите

Граѓанската иницијатива Операција Билка реагира на новиот Предлог-закон за контрола на опојни дроги и психотропни ситуации. Здружените организации и активисти велат дека и по Законот, граѓаните кои бараат лек од канабис, продолжуваат да го купуваат од црниот пазар, изложувајќи се себе си на ризик од криминализација.

Затоа, иницијативата ја повика Државната комисијата за спречување на корупција да го истражи начинот на донесување на законот. Бара Законот да се врати во Министерството за здравство, а Собранието да го задолжи Министерството да организира демократски и транспарентен процес на донесување на законот, пропратено со амандмани на Кривичниот закон и Законот за прекршоците со цел декриминализација на личната употреба на дроги.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално ја пренесува реакцијата на иницијативата:

„На ден 16.10.2019 г., во законодавниот дом беше поднесен нов Предлог- закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Законот е означен под знаме на ЕУ, што значи дека истиот може да биде донесен по скратена постапка, без јавна дискусија или учество на трети страни иако истиот не е поврзан со ЕУ директивата за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Со законот се регулирани условите и начинот за одгледување и производство на канабис за медицински цели на уште порестриктивен начин од досегашниот а, се овозможуваат услови за монополизација и политичко влијание преку процесите на доделување лиценци. Имено, со законот Владата си дава контролна и одлучувачка улога во процесот на доделување на лиценци а, не предвидува и вклучува надворешен механизам со кој би се оневозможило настанување на конфликт на интереси. Дополнително, со законот се овозможуваат и услови за корупција, имајќи го предвид потенцијалот за заработка проценет и промовиран како високо исплатлив бизнис од страна на Владата.

За потсетување на јавноста, уште при донесувањето на законот во 2016 година здруженијата и граѓаните реагираа за строгите критериуми и услови за производство на медицински канабис, со кои се овозможи само финансиски моќни правни лица да се занимаваат со овој бизнис и да го монополизираат пазарот. Законот во практиката овозможи да се појават на пазарот мал број на лекови од канабис чија цена е превисока, а квалитетот не одговара на потребите на пациентите. Граѓаните кои бараат шанса за здравје и живот во овој лек, продолжија да го купуваат од црниот пазар, изложувајќи се себе си на ризик од криминализација. Како доказ за криминализација на канабис за лична употреба, доволно е да го погледнете Билтенот на Министерството за внатрешни работи. Во него речиси секоја вест опишува спроведување на млади луѓе во полициски станици за мали количини на канабис за лична употреба  и, поведување на постапки кои дополнително ја отежнуваат работата на судовите и/или, ги полнат и така преполните затвори. Истите тие затвори кои во домашните и меѓународните извештаи се категоризираат за нехумани, нечовечки услови со што ја исполнуваат дефиницијата за тортура според Уставот и меѓународното право.

Дополнително, со новите измени на законот се заоструваат критериумите и се бирократизира постапката за одгледување и производство на канабис што ги зголемува трошоците, а со тоа и цените на лековите од канабис. Особено е спорно тоа што се бара банкарска гаранција од 500 000 евра како услов за да се добие одобрение за одгледување на медицински канабис, се зголемува бројот на вработени на пет во правните лица кои сакаат да одгледуваат и се основа нов орган „Агенција за контрола на одгледувањето и производството на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели“.

Не гледаме оправданост во формирањето на Агенција која што освен контролна функција на веќе издадените лиценци за работа, нема контрола врз одлуките за доделување на лиценци од Владата. Воедно, Владата  себеси си доделува дискрециско право да одлучува во постапките за добивање на лиценци со што јасно укажува дека сака да ја задржи контролата врз бизнисот и производителите. Со новата агенција, ќе се трошат парите на граѓаните за да се основа уште еден орган на државна управа кој ќе има директор и заменик директор. Надлежностите на Агенцијата се преклопуваат со надлежностите на постоечките органи, се создава конфузија и дополнително се бирократизира постапката за производство, бидејќи правните лица ќе чекаат на одобренија и од овој орган, покрај одобренијата од другите министерства и агенции. Сепак, крајниот збор го има Владата.

Без сомнеж, можеме да заклучиме дека целта е да се овозможи на неколку моќни бизнисмени да одгледуваат канабис и да остваруваат профит на сметка на пациентите. Земји во кои законите се носат за да се гарантира профитот на малкумина, на сметка на здравјето и животот на граѓаните не се демократски. Со ваков закон можеме легитимно да се сомневаме дека надлежните ја злоупотребуваат својата службена положба за да овозможат профит на неколку бизнисмени. Дотолку што повеќе злоупотребата на законот веќе е започната.

Со  одговорот на пратеничко прашање за наводи на веќе постоечки конфликт на интерес во доделените лиценци беше потврден од Претседателот на Владата кој на собраниска говорница потврди дека членови на неговото семејство имаат лиценца и одгледуваат канабис. [1] Покрај ова, беа изнесени наводи и за  други поранешни пратеници, бизнисмени и лица блиски до оваа или претходната власт која го започна процесот на легализација на медицински канабис како: Заменик-министер за економија, син на поранешен висок функционер во МВР кој добил дозвола во 2016г. од тогашниот министер за здравство и други објавени во истражувачка вест на повеќе наши медиуми. [2]

Уште една од многубројните спорни измени на законот е и предвидувањето на должност на правните лица да уплатат 10% од приходот на продажбата на Буџетот на Република Северна Македонија, за кои Владата ќе одлучи како и за што ќе се користат. Овој предлог потекнува од здруженијата на граѓани, но не го отсликува првичното барање, правните лица да издвојуваат 10% во форма на екстракт или цвет за болни кои се финансиски немоќни. Законот ќе овозможи неколкумина да произведуваат канабис за извоз, бидејќи трошоците за негово производство наметнати од строгите критериуми ќе создадат цени кои не се прифатливи за пациенти/граѓани на Македонија. Додека една мала група ќе заработува, полицијата и обвинителството ќе продолжат да гонат пациенти и луѓе кои  рекреативно користат канабис, трошејќи го државниот буџет и оптеретувајќи ги судскиот и затворскиот систем.

Затоа, граѓанската иницијатива „Операција Билка“ ја повикува Државната комисијата за спречување на корупција да го истражи начинот на донесување на законот и вистинските намери за наметнување на строги критериуми на Министерството за здравство и на Владата.

Бараме законот да се врати во Министерството за здравство, а Собранието да го задолжи Министерството да организира демократски и транспарентен процес на донесување на законот, пропратено со амандмани на Кривичниот закон и Законот за прекршоците со цел декриминализација на личната употреба на дроги.

Бараме канабисот да биде изземен целосно од дефиницијата на опојни дроги и психотропни супстанци. Канабисот е растение за кое Владата нема направено истражување за да го класифицира како дрога, туку фармацевските продукти кои ги овозможува во улога на лек и, за таа цел овозможи и, на индивидуи да можат легално да одгледуваат мал број на стебла за лична употреба.

Бараме Обвинителството да прекине да гони луѓе кои употребуваат канабис, а за кои нема никакви докази дека продаваат спротивно на одредбите од Кривичниот закон. Со ваквата политика непотребно се трошат ресурси, се уништуваат животи на млади луѓе кои не сториле криминал, се прекршуваат правата на луѓето што користат канабис или опијати за лична употреба и, се спроведува самоволие преку кривичен прогон и изедначуваат корисниците со дилерите независно од количината со која биле фатени без утврдување на намената. Секој човек има право да одлучи дали ќе, или нема да употребува канабис и/или дрога за лични цели и тоа не го прави криминалец доколку не се докаже намера за остварување на профит.

Ѓраѓанска иницијатива „Операција Билка“ : ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА СЕГА!

Иницијативата е отворена за потписи за формални и неформални граѓански организации, иницијативи, индивидуалци, приватен и државен сектор и сите заинтересирани да се  приклучат кон барањата. Контактирајте го граѓанското здружение „Билка“ на фан-страницата на социјалната мрежа „Фејсбук“ за да бидете додадени на листата подолу:

Невладини организации:

Билка
О2
Плоштад Слобода

Индивидуални потписи:
Јасмина Голубовска
Божидар Јововиќ
Жаклина Aнастасова
Ивор Мицковски
Мариглен Демири
Никола Шиндре

Лица за контакт: Елена Митровска, Јанаки Митровски, Јасмина Голубовска: jasminagolubovska@gmail.com, Ngo.bilka@gmail.com