Македонија секоја година поради негрижата за младите губи 333 милиони евра. Покрај парите ја губи и својата иднина, родителите ги губат децата, бабите и дедовците остануваат без своите внуци, а градовите и селата се празнат од млади и способни луѓе. За жал ова е реалноста. За среќа можеме таа реалност да ја смениме, сите заедно.
Ова е последната објава од #СакамДаОстанам, граѓанска иницијатива која преку отворање важни прашања за животот на младите, сака да го подобри нивниот статус во општеството, обидувајќи се да реши дел од нивните проблеми во време кога голем дел од нив планираат да ја напуштат државата.
Божидар Божиновски Моџо од #СакамДаОстанам, вели дека коментар кој го добива е дека само на душман треба да му посакаш да остане тука.
„Нашите очила не се розеви, ние само сакаме промена“, одлучен е тој.
Според него, иселувањето е еден од најголемите проблеми кој го имаме засега. Смета дека многу брзо Македонија ќе остане без млади, а со тоа и без иднина.
„Муабетот овие 30 години е тој, бугарскиот пасош и ќе одам за Германија. Тоа е лесно да се каже, но тешко да се направи. Има многу кои се вратиле оттаму. Според истражувањата кои ги направивме досега, работата и економијата веќе не се најголемиот проблем на младите“, истакна Божиновски.
Како проблем кој влијае врз одлуката за иселување, го посочува недостатокот на правна држава и партизацијата на институциите. Според него, позициите ги добиваат партизирани кадри, а тоа е голем проблем кој мора да се реши.
„Загаден е воздухот, загаден е цел етер со политика, загадено е целото општество со поделби. Лошо влијае целиот тој лажен ентузијазам на партиите пред избори и незадоволителната реализација. Ветуваат вработувања на млади, повисоки плати, средување на долгогодишни проблеми, како воздухот, подобро образование“, дополни тој.
Караванот на #СакамДаОстанам помина низ неколку градови на Северна Македонија, а локалното население имаше можност на табла да ги пишува причините поради кои сакаат да останат во државата.
„Една од поинтересните пораки која се најде на таблите беше „Сакам да останам за Кики и Фрики“. Најверојатно е од на Кики и Фрики мајка му и татко му“, низ смеа вели Божиновски.
Запрашан за тоа што носи иднината, Божиновски вели:
„Сметам дека наредните генерации кои доаѓаат се многу подобри од мојата генерација и тие пред мене. Мислам дека во нив е иднината. Тие се необременети од транзиции, необременети од војна, необременети од сите тие товари што ги носи нашата генерација и го гледаат светот како нивно игралиште“.
Разговорот со Божидар Божиновски Моџо, беше дел и од последната епизода „По европското „НЕ“ – Каде е иднината на младите?“ од подкастот „Мегафон“.