Откако владата даде зелено светло за водедување пилот програма за сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата, ХЕРА преку истражување потврди дека и родители кажаа ДА за вакво образование во школите.
Исклучително висок процент од родителите, меѓу 82% и 96%, се согласуваат младите да изучуваат теми кои се дел од ССО, согласно сеопфатниот модел и препораките на УНЕСКО.
„Најголема согласност (95%) постои за теми поврзана со (1) Заштита од насилство врз жените, сексуалното насилство и насилството на социјалните мрежи, (2) Услуги и медицинска помош при ризик од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, (3) Заштита од несакана бременост, (4) Механизми за заштита на сексуални и репродуктивни права, (5) Промени во пубертетот. Иако е со висок процент (82%), сепак најмала согласност од понудените теми родителите покажуваат за значењето и давање на согласност на партнерот/ката при влегување во сексуален однос, особено првиот“, соопшти денес ХЕРА на прес-конференција.
Телефонската анкета покажа дека нема значителни разлики во согласноста кај родителите на понудените теми од ССО во однос на полот, возраста, средината на живеење или економскиот статус. Етничката припадност на родителите, дополнуваат од ХЕРА, исто така нема значајно влијание за воведување на содржини за сексуално образование.
„Имено, кај родителите од македонска етничка припадност прифаќањето за изучување на сите теми од сексуалното образование се движи меѓу 90% – 97%, додека кај родителите Албанци меѓу 81% – 95%“, нагласуваат од ХЕРА.
Согласно мерените ставови, родителите сè уште во значителна мера (меѓу 34% – 36%), ги поддржуваат традиционалните улоги на мажите и жените во општеството, а за повеќе од половината (59%) хомосексуалноста сè уште не е општествено прифатлива.
„Ова укажува дека прашањата поврзани со различностите, сексуалната ориентација и родовата еднаквост, односно прашања кои се изучуваат во рамки на темите за (1) Граѓански аспекти и (2) Род треба да бидат прилагодени за возраста со цел градење на позитивни вредности во однос на сексуалните идентитети и еднаквоста на жените и мажите, но и намалување на стигмата и дискриминацијата кон одредени групи на граѓани во општеството“, потенцираат од ХЕРА.
Бојан Јовановски, извршен директор ХЕРА, рече дека поента им била да направат анализа на мислењата на родителите за различните теми и содржини, а не да ги прашаат само дали се „за или против“ воведување сексуално образование, бидејќи, вели тој, голем број од родителите не го сфаќаат концептот на ССО.
Јовановски нагласи дека во минатото, кога зборувале со властите, Биро за образование и ресорното министерство за воведување на ССО, како една од главни пречки било дека „родителите не се подготвени нивните деца да учат за сексуално образование“ и дека „ќе се јави отпор во самите училишта“.
„Затоа направивме анкета. Она што сакаме да го демистифицираме, е дека сексуалното образование не се однесува само на биомедицинските аспекти, на здравјето, туку опфаќа многу различни компоненти. Пред се’, градење емоционални, социјални вештини кај децата. Кога го споменуваме родот, зборуваме за борбата против родовите стереотипи, и за нееднаквиот третман на жените во општеството. Зборуваме за врски и односи, како и кога децата се подготвени да влезат не само во сексуална , туку и во емоционална врска. Какви се меѓусебните односи. Збориме за телото, и за сликите за своето тело, во однос на неговото значење. За здравствените аспекти, како да користат кондом, употреба на контрацепција, за практични вештини, каде да најдат, кому да се обратат за медицинска грижа. Зборуваме за сексуалноста како еден од главните аспекти на човекотово тело. За насилство – како да го препознаат, идентификуваат, чекори за себезаштита, но и на своите врсници“, објасни Јовановски.
Според најавената пилот-програма, нагласи тој, четири училишта од рурална и урбана средина ќе бидат избрани за ССО, стартувајќи од септември 2021. Се’ уште немаат конечен назив како ќе се вика предметот за сексуално образование, но е познато дека ќе биде изборен предмет за учениците во осмо и деветто одделние.
Предметот нема да се оценува бројчано, а би го предавале наставници и/или претставници на стручните служби на училиштата, кои доброволно би се пријавиле за обука и негово спроведување. Се предлага предметот да има вкупен фонд од 36 часа годишнo.
Мери Цветковска од ХЕРА нагласи дека во изминативе години активно работеле на терен и не губеле време. За три-четири спровеле едукација на 1.300 млади кои учеле за седумте компоненти: род, сексуално и репродуктивно здравје, задоволство, граѓански аспекти, врски, односи, насилство и различност.
„Имаме цел модул, кој младите го следат во тринеделен училишен циклус, или викенд-едукација ги поминуваат со врснички едукатори. 60 акредитирани врснички едукатори помеѓу 16 и 24 години се сертифицирани од ХЕРА. Тие ја водат врсничката едукација и им ги предаваат овие теми на младите. Програмата на ССО почнува да се имплементира во ХЕРА во 2015 година. Одиме по рурални и урбани средини, по училишта со различни етнички припадности и националности. Меѓувреме функционираат и нашите едукативни центри на Водно и Шуто Оризари. Последната година бевме во Дебар и Тетово. Не за џабе ги потенцирам овие градови, бидејќи се повеќе се вклучуваат млади од различни националности“, нагласи Цветковска, која се надева дека нема да се остане на одлуката на власта, па од септември ќе се пилотира програмата и ССО ќе си го најде местото.
Цветковска потсети за изработенате рамка за сексуално образование, декларација, каде што 48 организации потпишаа и петиција за да прават притисок, бараат од институциите да препознаат дека е ова е важна тема.
ХЕРА Млади ја спроведува и „Секси маало“, младинска емисија на Радио МОФ која се емитува изминативе осум години. Во неа може да се слушнат разни информации за сексуалното и репродуктивно здравје прилагодени за младата публика.
Лина Даневска, „Секси маало“: Предизвик е да се зборува отворено за сексуалнaта едукација
Според ХЕРА, наодите од истражувањето и одлуката на Владата за пилотирање на програма за сексуално образование во основните училишта, се само уште еден доказ за подготвеноста и на креаторите на политиките и на родителите за конечно воведување на сексуалното образование во наставата.
„Покрај изразената политичка волја ѝ препорачуваме на Владата во 2020 да одвои и буџетски средства со цел ефикасно спроведување на пилот програмата“, велат од ХЕРА.
Бојан Шашевски