Министерство за животна средина: Засилени надзорите на Државниот инспекторат

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во текот на 2019 година заклучно со 31 октомври има извршено 1.969 надзори на инсталации кои подлежат на А-ИСКЗ Дозволи и Елаборати за животна средина, проследени со исто толку записници за констатација. Притоа, во инспекциска постапка имаат издадено 215 Решенија со соодветни законски мерки (наредува/забранува), 45 прекршочни и 6 кривични пријави и еден прекршок од трета категорија, соопштува Министерството за животна средина.

Од министерството велат дека, по одржаниот координативен состанок за засилување на инспекцискиот надзор на државнo и локално ниво, ДИЖС има извршено вонредни инспекциски надзори на 4, 5 и 6 ноември, во 20 инсталации чие инспекторирање е во негова надлежност.

„Покрај редовните, вонредни инспекторирања се вршат паралено на територија на целата држава и направени се на Депонијата Дрисла, Цементар УСЈЕ-ТИТАН, Пејпер Мил Кочани, ТЕТЕКС АД Тетово, ВАРДАР ДОЛОМИТ, Гостивар, А.Д. ТЕАЛ Тетово; ТЕТЕКС Јарн Тетово; БЛУЕ ТЕКНОЛОГИ Тетово; ДС-СМИТ АД СКОПЈЕ, Викторија Инвест, асфалтна база во с.Ново Село Дебрца, ГП Гранит асфалтна база –Битола, АД ОРАНЖЕРИИ ХАМЗАЛИ с.Хамзали Босилово, Техно Павер Превалец, Велес, ТУЛАНА АД Гостивар, ГОРНИ ПОЛОГ од Гостивар; Макстил АД Скопје, ДТУ АГРОМАРКЕТ ИГОР ДООЕЛ с.Владиевци општина Василево, Живинарска фарма Ветеринар Гевелија“, соопштува министерството.

Во дел од инсталциите, велат од таму, мерењата се во рамки на дозволените граници, дел се задолжени да вршат вонредни мерења покрај редовните од дозволите, дел каде претходно имаат издадено решенија за забрана на работа констатирано е дека се почитуваат, а дел воопшто не работат.

Исто така, министерството информира дека во функција е-платформа на Инспекцискиот совет за доставување претставки и иницијативи за спроведување на инспекциски надзор.

„Платформата е директно поврзана со официјалниот е-меил на Инспекцискиот совет, но и со соодветните инспекциски служби, вклучително и Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи“, велат од министерството.

Исто така, на веб страницата е објавен и телефонскиот број 02/310 30 30 на кој можат да се пријават неправилности при вршење на инспекциските контроли.

Радио МОФ веќе пишуваше за инспекцискиот надзор и дека е поставено на лоши темели начелото „Загадувачот плаќа“, кое треба да мерило за тоа колку индустријата им враќа на граѓаните за загадувањето што им го создава. Немањето доволно ефикасни инспектори и државна акредитирана лабораторија, која ќе ги држи на штрек „загадувачите“, го прави целиот систем разнишан, незаштитен од злоупотреби и отворен за разни толкувања.

Радио МОФ истражува: Начелото ,,Загадувачот плаќа” го снемува во скопскиот индустриски смог

Во однос на инспекторирањето, меѓу другото, проблем е тоа што досега јавноста е исклучена од процесите на инспекторирање. На јавноста не и се достапни записници од извршени надзори во капацитетите. Не се знае кој и кога е инспекториран, туку во годишните извештаи се прикажани само голи бројки, пример дека во 2016 година имало 2.387, а во 2017 година –  2.451 записници од надзори, за сите области, во цела Македонија.

Во тие две години имало 0 (нула) пријавени неправилности за работата на инспекторите.

Во 2016 се евидентирани 23 барања за прекршочна, без ниту едно за кривична постапка. Во 2017 – 24 за прекршочна и едно за кривична постапка. Повторно само бројки, без имиња.

Исто така, како проблематична тема периодов беше потенциранан неказнивоста кон загадувачите, неодамна критикувана од О2 Иницијатива. Според еко-активистите, менталитетот нема да го оправиме со прогледување низ прсти за криминалот што се прави на природата и врз животите на граѓаните.

Повисоки казни побара и Никола Бертолини од ЕУ делегацијата, откако Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина го претстави за успех тоа што ги намалиле казните за 75% годинава.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пред неколку денови искажа поостар став во однос на казнената политика, нагласувајќи дека неказнивоста е клучниот проблем, па најави дека оствариле средби и со Јавниот обвинител, за да има ефект при процесуирање на кривичните пријави.

Б.Ш.