Синоќа во Салон 19,19 од Културно информативниот центар, се одржа промоција на книгата “Тихување” – избор поезија од Тихомир Јанчовски. Во пријатен амбиент, се промовираа песните со наслов „Игла и конец” ,„Тагата на Јов”, „Староста може, а и не мора да се дочека” и останати.
На настанот читателската публика имаше можност да слушне дел од песните, кои се значајни за целокупното творештво на поетот. Песните на Тихомир секој треба да ги доживее на свој посебен начин и да го почувствува сензибилитетот и критицизмот на истите.
“Кога студирав книжевност правев обиди за пишување, но ми беше јасно дека е само обид. Меѓутоа кога ја напишав својата прва книга што беше издадена знаев дека е нешто поинаку. Кога имав нешто мое да кажам, нешто поразлично, нешто што не е угледување на нешто што веќе постои, не е имитација, туку сопствено или лично, разликата беше силно изразена и можев да ја почувствувам. Објавувањето на таа книга се случи во 1999 година и во тој период имав над 30 години. Мислам дека е важно човек да почне со такво нешто кога ќе има порив за тоа а не само некоја желба или амбиција”, вели Јанчовски за своите почетоци.
За книгата зборуваше Елизабета Шелева, литературна критичарка. Песните ги читаа Игор Трпчевски, Дарко Јан Спасов и Зоран Тортевски. Промоцијата заврши со излагање на поетот кое предизвика позитивни реакции кај публиката.
Јанчовски е поет, професор, колумнист и преведувач. Своето прво дело “Обични зборови” го напишал во 1999 година, исто така и други збирки поезија „Од збор до збор”, „Осама ”, „Последно време”.
Ангела Илиевска