Министерството за здравство се најде на врвот на листата, што ја изготви Центарот за граѓански комуникации, како најмалку транспарентно министерство кога се работи за јавните набавки. Министерството за образование и наука, кое лани беше во „црвената“ зона, годинава за влакно се најде во средната група, со исполнување на 40,3 % од критериумите. Наспроти тоа, најдобро рангирано е Министерството за економија, единствено со преку седумдесетпроцентно исполнување на критериумите за транпарентност.
Центарот за граѓански известувања го објави рангирањето на 21 институција според транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки. Првпат истражувањето беше спроведено во 2017 година, за набавките на институциите во 2016 година. Ова трето рангирање е направено за начинот на спроведувањето на јавните набавки на вклучените институции во 2018 година, како последна целосно завршена година.
„Може да се рече дека во 2018 година има мало подобрување во однос на претходната 2017 година. Просечното исполнување за 2018 година изнесува 55,2 %, додека за 2017 тоа изнесуваше 53,6 %, а за 2016 година 51,7 %“, образложуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Само Министерството за здравство троши за тендери колку 17 други институции
Најголема вредност на јавните набавки во 2018 година, 39 милиони евра, има најслабо рангираната институција – Министерството за здравство, чии набавки се дури една третина од набавките на сите други институции заедно. Ова министерство има склучено договори за јавни набавки колку 17 други институции од анализираните заедно.
Дури 9 институции имаат удел од помалку од 1 % во вкупните набавки на опфатените институции. Најмал удел меѓу нив, од само 0,007 %, имаат Секретаријатот за законодавство и Министерството за локална самоуправа, и двете институции поединечно со склучени договори само за околу 8000 евра годишно
Најдобро рангираните институции заедно трошат најмалку пари
Спротивно на ова, институцијата со најниска процентуална исполнетост троши дури 32 % од вкупните средства на сите опфатени институции, односно 39 милиони евра. Ако во 2016 година дури 75 % од парите во јавните набавки на Владата и Собранието се трошеа од институции со минимално ниво на транспарентност, отчетност и интегритет, во 2018 година тој удел изнесува 31 %. Седумте најдобро рангирани институции, со процентуална исполнетост меѓу 62 и 74 %, всушност трошат најмал дел од парите за јавни набавки, односно 13% од вкупните средства што ги потрошиле опфатените институции.
Третина од тендерите само со една понуда
Проблемот со добивање само една понуда е поради тоа што во овој случај не се одржува електронската аукција за намалување на првобитно понудените цени. Имајќи предвид дека фирмите првично доставуваат повисоки цени во очекување на аукцијата и намалувањето на цените, во ситуација кога има еден понудувач, тие повисоки цени најчесто остануваат и како финални. Високиот удел на јавните набавки на коишто имало само по една понуда продолжува од година во година со исто темпо. Во 2016 година овој процент изнесуваше 27 %, во 2017 беше 33 %, додека во анализираната 2018 година изнесува 34 %. Поединечните вредности на анализираните институции се движат од 11% до 75%.
Проблемот со добивање само една понуда е поради тоа што во овој случај не се одржува електронската аукција за намалување на првобитно понудените цени. Имајќи предвид дека фирмите првично доставуваат повисоки цени во очекување на аукцијата и намалувањето на цените, во ситуација кога има еден понудувач, тие повисоки цени најчесто остануваат и како крајни.
За разлика од лани, кога само кај две институции една поединечна фирма имала договор за јавна набавка поголем од прагот од 40%, во 2018 година ова било случај кај дури пет институции, со тоа што кај Министерството за животна средина и просторно планирање, станува збор за поединечна концентрација на една фирма од 71%.
За 5,7 % е зголемен просечниот удел на доставени жалби од фирмите
Жалби за спроведените постапки за јавни набавки добиле 71 % од анализираните институции. Уделот на жалби во вкупните огласи изнесува 5,7 % што е значително повисоко од националниот просек на доставени жалби од сите огласи, којшто изнесува 3,3 %. Интересно е што Државната комисија за жалби по јавни набавки уважила само 40% од поднесените жалби (националниот просек изнесува 42 %), што е помал процент на уважени жалби од 2017 година, кога Комисијата уважила 58 % од жалбите.
Влошена е состојбата со одговарањето на институциите на доставените барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер
Минатата година институциите одговориле просечно за 38 дена, годинава за 42, иако максималниот законски рок е 30 дена. Повеќе од половина од институциите одговорија на барањето за слободен пристап по истекот на максималниот законски рок од 30 дена, прекршувајќи го на тој начин Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Просечниот број денови коишто им беа потребни на институциите да одговорат на бараните информации од јавен карактер изнесува 42. И годинава, како и минатата година, истата институција одговори најбрзо – Секретаријатот за законодавство, за пет дена. Најдоцна одговори Министерството за здравство, за 102 дена.
Малку институции имаат интерни правила за јавните набавки, успешно се заобиколуваат аспектите што не се прецизно регулирани со законот
Само една од анализираните институции има методологија врз чија основа се пресметува проценетата вредност на набавките. Проценетата вредност има големо влијание врз исходот на набавката, и оттука е важно таа да е правилно пресметана земајќи ги предвид и состојбата и движењата на пазарот. Две третини од институциите одговориле дека ја следат реализацијата на годишните планови за јавни набавки, а дури три четвртини дека ја следат реализацијата на договорите за јавни набавки, но само неколку ги доставија и интерните документи врз чија основа го прават тоа. Во барањата за пристап беше побарано, ако ги следат реализацијата на планот и на договорите, да ги достават и методологиите, правилниците или кој било документ во таа смисла. Најголем дел од институциите не ги доставија ваквите документи.
„Некои во одговорот велат дека документот е во прилог, а не е, други го игнорираат тој дел од прашањето, а имаше и случај во кој институцијата, одбивајќи да ги достави документите, одговори дека процедурата е интелектуална сопственост на министерството и таа е за интерна употреба“- известуваат од Центарот за граѓански известувања.
Само половина институции во 2018 година изработувале образложение за потребата од набавката, кое е многу важно за намалување на злоупотребите во оваа прва фаза од циклусот на јавни набавки, односно за спречување набавка на непотребни производи, услуги и работи. Сега, со новиот Закон за јавните набавки, изработката на ова образложение стана задолжителна.