Во рамките на одбележувањето на 24 мај, патронатот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје и 1.150-годишнината од Моравската мисија, во Ректоратот денеска (21 мај) ќе бидат доделени награди на дипломираните студенти со најдобри резултати во учебната 2011/2012 на овој Универзитет. На пензионираните наставно-научни работници ќе им бидат врачени повелби.
Со уметничка програма ќе настапат студенти од Факултетот за музичка уметност при УКИМ.
Во универзитетскиот кампус утре ќе има молебен посветен на светите браќа Кирил и Методиј. Со молебенот ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Потоа ќе се положи цвеќе на споменикот на Кирил и Методиј.
Ќе биде доделена и почесната титула doctor honoris causa на проф. д-р Виктор Антонович Садовничиј, ректор на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, Руска Федерација. Плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе добие проф. д-р Перо Лучин, ректор на Универзитетот во Риека, Хрватска.
Во Домот на АРМ ќе се одржи свечена академија под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов.