Изведба на „Орестија 1/4“ вечерва во МКЦ

Вечерва со почеток од 20 часот во МКЦ, ќе се одржи изведба на претставата „Орестија 1/4“. Претставата е во режија на Ивица Димитриевиќ, а драматург е Билјана Крајчевска. Стефан Вујисиќ во улога на Орест, додека Електра ја игра Наталија Теодосиева. Останатите улоги ги играат Жарко Јовановиќ (Хороводецот),  Драгана Лошкова (Клитемнестра) и Димитрија Доксевски (Ајгист).

За  Орестија 1/4

Дали демократијата е возможна во систем без одговорност?

Демократијата не е возможна во еден систем каде што нема базични постулати на владеење на правото при што моќта на владејачката класа е неограничена. Народот мора да се бори да се воспостават тие постулати, или да им се придружи. Дотогаш, до моментот кога што ќе нема да сносиме одговорност, нема да имаме демократија.

Исто така, не можеме да зборуваме за демократија во 21 век во Европа, кога цели  територии коишто географски и припаѓаат нејзе не се дел од Унијата, како и заради фактот дека во самата Унија, неолибералната логика на владеење незапирливо ги продлабочува социјалните разлики.

На крај, не е ни важно дали Орест ќе ја заколе Клитемнестра, бидејќи каков и да е исходот ќе се измисли нов закон со кој владеачката класа ќе ги заштити своите интереси, исто како што се случува тоа подоцна и во Орестија.

Околу текстот на претставата

Орестија на Ајсхил, (користен превод на македонски од Даница Чадиковска) е една од најважните антички трагедии и единствена зачувана трилогија (Агамемнон, Надгробно жртвување и Евмениди). За прв пат е изведена 458г. пне. само две години пред смртта на Ајсхил, кој умира на Сицилија не „за да го шири урнекот на грчката трагедија” туку конкретно – во политички егзил, зашто со пишувањето на Орестија, каде на крајот се суди на синот што ја убил мајка си и нејзиниот љубовник, за прв пат се зборува за еден важен момент во грчката историја: основањето на Аеропагот – тело кое може донесува политички одлуки – во  случајов дали политичките убиства се оправдани.

Драмската предлошка на Орестија 1/4, користи материјали од сите три дела, но најмногу од Надгробно жртвување, конструирана на таков начин каде исти текстови  припаѓаат еднакво на Агамемнон, Клитемнестра и Ајгист, односно Електра и Орест со стихови од античкиот Хор,  со цел да ја потенцираат репетитивноста на моќта на владејачката класа која како вирус  си го обезбедува владејачкото право во моментот кога ѝ е загрозено.

Постерот за претставата „Орестија 1/4“

Другиот дел од нашиот драмски текст,  Хорот – претставникот на народот, го сочинуваат документаристички материјали од истражувањето спроведено на работилниците со млади луѓе и авторски текстови на драматургот и уметничкиот тим, со цел конкретно да ја доловат ситуацијата на младиот човек денес, во општества како нашето, и неговата неможност за организирање и делување во демократските процеси.

За The Chorus Project

The Chorus Project е проект поддржан од Креативна Европа (Creative Europe), а во копродукција на МКЦ – Скопје, Апстарт театар (Upstart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар Ам Ленд (Theater am Land) од Грац.

Основната идеја на The Chorus Project е реобмислување на улогата на Хорот во античката трагедија Орестија од Ајсхил, во однос на денешниот социо-политички и културен контекст и тоа: што значи демократија во 21 век, што значи да се биде граѓанин, што значи Европа и „европската иднина”, како да се поврзат локалното и глобалното, што е индивидуалното наспроти колективното?  Накратко, како да се претстави демократијата на сцена?

Иако е познато дека Орестија е трилогија, The Chorus Project, ќе се обиде да го обмисли и загубениот четврт дел, сатирската игра.
Проектот истражува како да се креира граѓански дијалог, оперирајќи на три основни нивоа: Транснационално, помеѓу професионални уметници од четирите земји учеснички; Локално, помеѓу професионалните уметници и граѓаните како дел од Хорот, во секоја земја поединечно; Транснационално, помеѓу претставниците на Хоровите од секоја земја.

Овој проект се одвива во рок од две години, во неколку фази; во првата фаза, претставниците на тимовите се состануваат во секој театар ко-продуцент и преку разни работилници и предавања, со експерти од одредени области, се договараат и заедно ги анализираат општествените услови во кои секој од нив работи, а потоа ги обмислуваат, темите, естетиката и динамиката на проектот, итн;   во втората фаза, секој тим поединечно започнува со истражувачкиот процес, каде преку работилници со граѓаните ги прибира материјалите со кои треба да го реобмисли хорот, од својот социо-културен контекст и во однос на случувањата во самата трагедија Орестија;  Во третата фаза, секој тим одделно, започнува со подготовка на доделениот дел од претставата и го претставува со своја посебна премиера;

Во четвртата фаза, сите четири делови се спојуваат во една претстава, со обврска, понатаму да бидат одиграни на театарски фестивали во секоја земја ко-продуцент. Премиерната изведба на сите четири делови заедно е предвидена за МОТ 2020 година. Проектот треба да биде завршен во декември 2020 година.