Паркот „Жена борец“ во Скопје синоќа блесна во портокалова боја по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените. Со ова официјално започна годинешната кампања „#НемаОправдување – заедно против насилство врз жени и девојчиња“.
Покрај настанот, ќе се одржуваат низа активности што ќе се реализираат во текот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово-базирано насилство“, што ќе трае до Меѓународниот ден на човекови права, 10 декември.
„Во светски рамки, една од три жени е жртва на насилство. Насилството врз жените и девојчињата постои во најразлични форми, во кои влегуваат различните психички и физички акти на насилство што се случуваат секој ден. Цел на кампањата е да поттикне дискусија, споделување и активно вклучување во борбата против насилството врз жените и девојчињата. Замислена е да ја рефлектира темата „Обојте го светот во портокалово: Генерацијата Еднаквост зазема став против силувањето“, а како носечки симбол на овој настан е целосното „портокалово“ осветлување на паркот „Жена борец“. Портокаловата боја е избрана како симбол за посветла иднина без насилство врз жените и таа боја е основа за целата кампања која ќе трае 16 дена“, стои во описот на кампањата.
Во наредните денови на социјалните медиуми преку хаштагот #НемаОправдување ќе се споделуваат различни содржини и едукативни пораки против насилство од различни луѓе, од различни сфери на животот како нивен знак на поддршка и организирање низа активности, како и дебати и работилници низ целата држава.