Со мирно гласање и висока излезност денеска се одржуваат изборите за членови и претедател на Факултетското студентско собрание на Стоматолошкиот факултет.
„Гласавме за нас студентите, за да овозможиме подобри услови и подобри материјали за работа. Сето тоа треба ние сами да се избориме да го постигнеме и сметам дека Факултетското студентско собрание е единствената опција за нивно реализирање“, вели Стефанија Дуковска, студентка од петта година на Стоматолошкиот факултет.
„Изборите почнаа во 10 часот, се е во најдобар ред и има заинтересираност од студентите во сите години. До 12:00 часот излезноста е околу 35-40%“, изјави за Радио МОФ Николче Здравевски, студент на Стоматолошкиот факултет и член на изборната комисија.
Како што објасни тој, на факултетот се избираат 10 членови и еден претседател за ФСС, а кандидатурите се исполнети за сите места.
Младински образовен форум (МОФ) годинава е набљудувач на студентските избори. Организацијата на секој факултет ќе има поставено два набљудувачи чија задача е да евидентитраат било какви нерегуларности и прекршувања на правата за гласање на избирачките места.
Изборите за Факултетски собранија започнаа минатата недела, а ќе траат до крајот на идниот месец. До тогаш се очекува сите 23 факултети на УКИМ да ги формираат своите Факултетски студентски собранија.
Следни на листата се Факултетите за музичка уметност и за физичко образование чии избори се одржуваат утре, на 27ми ноември, во просториите на факултетите.
Георги Божиновски
*Текстот е коригиран на 26.11.2019 со отстранување на изјавата на набљудувачот на МОФ, што повлекува и корекција на насловот