Младински образовен форум во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско општество, во Тетово организираше еднодневен настан под мотото „Сите под еден чадор“. Во првиот дел од настанот беше реализирана јавна трибина насловена „ Поттик, интегрирање и соработка на младите Роми со локалните институции“. На трибината беа презентирани успешни приказни на Ром, Македонец и Албанец. Имран Јашари – успешна млада Ромка ја раскажа својата приказна до патот до успехот.
Тефик Сали – доктор по општа медицина пред присутните на трибината посочи дека упорноста на младите е најважна. Тефик апелираше до младите Роми да се образуваат бидејќи само така отворени им се можностите во животот.
Како млад успешен Албанец, Ваљон Садики раскажа како неформалното образование му помогнало да се вработи. Тој посочи дека со неговото долгогодишно искуство како член во невладините организации, му помогнало побрзо да се вработи.
Учесниците на трибината упатија апел до родителите Роми од Тетово, да ја сфатат важноста на образованието на младите, бидејќи само така може да се биде конкурентен на пазарот на трудот. Новак Ристовски од Агенцијата за вработување во Тетово истакна дека од вкупно 10.580 активно регистрирани баратели на работа кои живеат во Тетово , 159 се Роми од нив активно бараат работа, што е лош показател. Заитересираноста на Ромите од Тетово за вклучување во активните мерки кои ги нуди АВРМ е многу мала.
Во вториот дел од настанот, беше организирана работилница насловена „Подготви се за работа“ а темите кои се обработуваа беа изработка на CV, мотивациско писмо, стратегија за барање на работа, се со цел младите Роми да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
Целта на настанот беше поттикнување на младите Роми поактивно да се вклучат во образовниот процес, информирање на Ромите за можностите кои им се нудат од страна на лоаклните институции, намалување на образовните разлики меѓу Ромите и другите националности, поттикнување на поголема соработка, култура и толеранција кон младите Роми, да им се помогне тие да станат покомпетентни на пазарот на трудот.
Иницијативата за организирање на овој настан потекнува од група млади луѓе од Тетово, кои учествуваа во Школата за активно граѓанство, како дел од проектот на УСАИД за граѓанско општество.
Бобан Костадиновски и Глигор Кондовски