Неопходно е итно решение со недостигот на млад кадар на повеќето од јавните универзитети за да не се случи колапс на високото образование, смета Мимоза Ристова, професорката од Институтот за хемија и член на Академскикот синдикад НАкС.
На Час – Дискусии за Подобро Образование
Во оваа епизода #НаЧас разговараме за проблемот со младите кадри на факултетите и прашањето кој ќе ги замени редовните професорите кога ќе заминат во пензија. Во студиото на Радио МОФ Milka Dokuzova зборува за своето искуство како демонстратор на Архитектонскиот Факултет, а професорката од ПМФ, Mimoza Ristova алармира за недостигот на асистенти на факултетите.
Posted by Радио МОФ on Friday, 6 December 2019
На прашањето што се случува на подмладокот на нејзиниот институт, во емисијата „На час“ вели:
„Можам да заклучам дека старосната структура е застрашувачка. Многу луѓе во наредните години ќе заминеме во пензија, а за тој временски период, за кој повеќе од 50% од Институтот ќе се испразни, нема време да се создаде подмладок и кадар“, објаснува професорката која додадава дека и самата никогаш немала асистент.
ПМФ додава, има стотина професори, од кои само десет се асистенти.
„Кај нас тешко е, никогаш не се доделија асистентиски места, ние сме како неподобен факултет. Секоја година се пишуваат фермани од писма дека ни се насушно потребни млади луе за да не заменат, а не добиваме ништо. Освен, во времето на владеењето на ВМРО ДПМНЕ туку ќе дојдеше по некое вработување, ама точно со име и презиме, ама моравме да дигнеме рака, бидејќи само еден се пријавиваше,и добива на тој конкурс а сите други ќе ги обесхрабрат и ќе им речат, немојте да си дозволувате да се пријавите. Јас се сеќавам дека на географија стигна такво вработување, за (конкретен н.з.) човек“, вели Ристова.
Милка Докузова зборуваше за своето искуство како демонстратор, за државната стипендија на Кембриџ, но и незаинтересираноста на институциите да го искористат нејзиното знаење.
„За да работиш како демонстратор, со примања околу 4-600 денари месецно, треба да те финансираат од дома, да ти даваат пари“, вели таа.
„Само што се вратив од Кембриџ, се пријавив во МОН дека сум вратена, дека сакам да работам, за да ме имаат во предвид. Изненадена бев колку тие не водат евиденција и буквално ми кажаа дека нема да се замараат за да ми најдат работа“, вели Докузова.
Аплицирала и на конкурсот за асистенти на архитектура.
„Се пријавив на конкурсот. Имаше 12 пријавени за 5 работни места. Во билтенот по конкурсот се појавија кандидати, од кои двајца, според мене го имаа искуството, но тројца, се појавија од никаде. На крајот, и поради други работи поднесовме претставка, па конкурсот се поништи. Никој не беше вработен“, раскажува Докузова.
По искуството во земјава сега спрема документи за странство.
„Решив да си заминам, аплицирав на повеќе места, чекам одговори“, вели Докузова.
Професорката Ристова со жалење заклучува: „Добрите студенти не можеме веќе ни да ги најдеме, затоа што ова што се нуди за нив е да платат магистерски студии, докторски студии и да бидат демонстратори за 6000 денари“, вели Ристова.