Исплатата на повратот на ДДВ од скенираните сметки од првото тримесечје започна денеска и ќе продолжи во претстојните денови, додека не се исплатат сите граѓани кои оствариле право на поврат од вкупно околу 3 милиони евра, соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска.
Денеска се исплатени вкупно 16.600 граѓани, на чии сметки ќе легнат околу 21 милион денари.
„Апелирам до сите граѓани да ги проверат транскациските сметки кои ги внеле за поврат на ДДВ, бидејќи и претстојните денови ќе продолжи повратот на ДДВ. Над 180.000 граѓани секој месец во просек скенираат фискални сметки и за овие 5 месеци скенирани се над 40 милиони фискални сметки, односно околу 8 милиони сметки месечно“, рече Ангеловска.
Таа посочи дека просечната старост на лица кои скенираат фискални сметки е од 42-44 години. Најмногу скенираат сметки во скопските општини Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош, како и во Битола и во Штип.
Ангеловска најави и дека од 15 декември започнува МојДДВ #МојаНаграда како дополнителен мотив за граѓаните да ги скенираат фискалните сметки и со тоа да придонесат во борбата против сивата економија.