На Македонија и требаат сериозни економски политики за справување со невработеноста на младите на долг рок, развој на вистинско претприемачко општество и институции за поддршка. Сегашните мерки и проекти за лидерство и вработување на младите имаат само краткотраен ефект, вели професорката Марија Зарезанкова-Потевска, па затоа без системски решенија, нема вистинска борба со младинската невработеност.
Не е проблемот во мрзеливоста на младите, посочува таа, туку во недостигот на институции кои ќе помогнат во реализирање на младинските идеи. Друг проблем е немањето обновливи фодови што даваат поволни кредити за новите бизниси.
Во држава која се гордее со фактот што над 90% од средношколците се запишуваат на факултет, а во отсуство на добра деловна клима, вработувањето останува најголем проблем за младите. Притисокот е силен, вели Злате Ангелов кој пред неколку месеци го заврши Машинскиот факултет. Аплицирал на дваесетина места, повратен одговор добил само од едно-пишувало дека е преквалификуван за работата. За другите места се барало искуство, кое вели тој нема каде да се стекне, иритиран од обвинувањата дека младите луѓе во Македонија пребираат работа.
Според професорката Зарезанкова, потребни се сериозни промени во општеството, но и плански развој на цела Македонија, а не само на Скопје. Младите, вели таа мора да ја добијат можноста што ја заслужуваат, но не само преку кампањи.
Последните податоци од државниот завод за статистика покажуваат дека 53% од младите се невработени, при што константно расте и бројката на невработени дипломци и магистри.
Голем дел од нив работат на места за кои се премногу квалификувани, покажува последниот извештај на Меѓународната организација за трудот, но истовремено голем е бројот и на оние младите луѓе кои работат на високи позиции за кои немаат доволно образование. Поради лошата деловна клима, малкумина од младите се решаваат да почнат свој бизнис, а се повеќе одлучуваат да заминат во странство и да не се врата во Македонија.