Вечерва (25-ти мај) во 20 часот, во организација на Плоштад Слобода, Контрапункт и ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, пред платото на поранешниот Културен центар Точка, ќе се одржи одбележување на тригодишнината од затворањето на Културниот центар Точка, кој беше отворен токму во овој период во 2002 година. Акцијатата е насловена „Секоја точка означува почеток!“, а е замислена како отворен форум, на кој со куси пораки ќе земат учество голем број активисти и претставници од независниот културен сектор.
Организаторите посочуваат дека повод за настанот е тоа што во изминатите години замреа сите независни простори од сферата на културата: Културниот центар Точка, Центарот за современи уметности, Прес ту егзит проектен простор, Т-Хаус, Место и Арт Институт.
„Искуството покажува дека независните културни центри се модел кој треба да се исползува за што поскора трансформација на јавните институции во областа на културата. Имено, гломазните, буџетски институции голтаат огромни средства во празно, а на содржински план речиси ништо не произведуваат. Независната културна сцена треба да ја добие својата видливост и преку просторното ситуирање а тоа е начин на полезно и конструктивно општествено дејствување кој едновремено е борба, игра, истражување на личните склоности и заедничките можности. Тоа е огромна одговорност токму заради предзнакот на „алтернативен“ модел и на содржинско и на организациско рамниште.“ стои во повикот за настанот.