Кинотека заедно со МАНУ и Вардар филм ќе ја одбележат 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски.
Неговиот филмски првенец важи за најуспешниот игран филм во македонската кинематографија и најзначаен културен производ на државата.
Одбележувањето ќе се одржи на 18 декември со два настани.
Во 12.00 часот, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите ќе има низа обраќања за естетиката на нарацијата и јазикот во филмскиот опус на Манчевски.
Во 20.00 часот во киносалата на Кинотеката, пак, ќе биде прикажана 35-милиметарска копија од „Пред дождот“, која Манчевски неодамна ја депонирал во филмскиот архив на Кинотеката, како и промоција на мапа со репродукции од плакати за филмот од светската дистрибуција на филмот.
Од Кинотека се надеваат дека по четврт век повторно ќе се собере дел од екипата на филмот и ќе разменат свои спомени и искуства од заедничкото учество во проектот Актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик во филмот (Александар Кирков) веќе го потврдил своето присуство.
„Пред дождот“ премиерно беше прикажан на 6 септември 1994 година на Филмскиот фестивал во Венеција (La Biennale di Venezia), или популарната Мостра. На 12 септември Манчевски се закити со „Златниот лав“ и уште неколку награди, а потоа нанижа триесетина награди на светската фестивалска мапа. Филмот освои и номинација за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија. Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги толкуваат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски…
„Њујорк тајмс“ го вклучи „Пред дождот“ (1994) во листата на 1000 најдобри филмови некогаш направени.