Шар Планина под итно мора да се прогласи за национален парк ако сакаме да ја зачуваме природата и биодиверзитетот на ова место. Вакво барање упатија екологистите кои викендов се собраа на Шара за да видат што досега е постигнато со проектот за „Промовирање на природните вредности на Шар Планина преку едукација за животната средина и инволвирање на засегнатите страни“.
Во овој проект кој се одвиваше една година учествуваа дваесетина здруженија на граѓани од полошкиот регион. Македонското еколошко друштво и германската организација „Euro Natur“ беа имплементатори на проектот кој се спроведуваше во шест полошки општини и тоа: Тетово, Јегуновце, Теарце, Боговиње, Врапчиште и Гостивар.
Завршниот настан кој се случи викендов имаше мултиетничка и интегративна компонента. Сите засегнати страни презентираа дел од постигнатото во изминатиот период и ги претставија своите организации. Се организираше и куклена претстава која ја подготвија основците од Тетово и беше изведена на македонски, албански и турски јазик, а исто така се проектираше и документарен филм „Очите на Шара“. Крајот на настанот беше затворен со традиционална македонска и албанска музика и храна.
Бобан Костадиновски