Имајќи ги во предвид немилите настани кои се случија вчера во просториите на Општина Карпош а по повод Јавната расправа за ДУП Ј03.07, сметаме дека има потреба да разјасниме некои работи, се вели во анализата на „Го сакам Водно“, која ви ја пренесуваме во целост:
1️⃣. Најпрвин, Детален Урбанистички План (ДУП), произлегува и се прави врз основа на Генерален Урбанистички План (ГУП) на град Скопје. Во моментов, на сила е ГУП за 2012-2022. Јужна обиколница е предвидена во ГУП 2012-2022 и истата кој било планер МОРА да ја земе во предвид при правење на ДУП, затоа што овој ГУП е важечки уште 2 години (иако новиот веќе се изготвува, што е нормално, за да може да го замени кога ќе дојде време). Колку и да сметаме дека оваа обиколница е штетна и се залагаме истата да се тргне (имаме информации дека во ГУП 2022-2032 ќе ја нема), едноставно законите и прописите налагаат истата да биде „вцртана“ и третирана како реално сообраќајно решение. Единствен начин да се „избрише“ е да се смени ГУП-от (што впрочем е и во процедура).
2️⃣. Што се однесува на катноста, се работи за населба со претежно А1 објекти, односно „домување во станбени куќи“. Правилникот за урбанистички планирање предвидува минимална висина од 10,20m односно П+2+Пк за таков вид објекти, односно пониска катност од тоа повторно планерот не може да даде, додека е на сила истот правилник. Колу е тоа правилно во населба со густо поставени објекти, каде катастарската парцела е изедначена со градежната парцела, дали има доволна инсолација, нема да навлегуваме, затоа што истото (треба) да е плод на стручна анализа.
Ова се параметри врз кои ниту граѓаните, ниту планерите имаат влијание, затоа што произлегуваат од Законот за градење и Правилникот за урбанистичко планирање.
СОСЕМА ДРУГИ СЕГМЕНТИ НА ОВОЈ ДУП СЕ СПОРНИ
⛔ А тоа се одредени парцели, конкретно КП 5884/2 (на која има легализирана дивоградба од 2011) и КП 5884/1, кои се сега врзани во ГП 7.4 од ДУП Ј03.07, а во ДУП 2002-2007 биле водени како ДД (тогашна категоризација деловен простор со домување) кои имале висина од 8.00m, а сега претставуваат една градежна парцела со зграда на неа која на претходната расправа беше П+3+Пк, а сега е дури сменета на П+4+Пк.
⛔ Објектот кој се наоѓа на 5884/2, а е легализран во 2011 година, од неодамна (24.04.2019) е во сопственост на ЗСФ-КОМ, истата фирма која гради на спорната парцела кај Мајчин Дом во Аеродром, што е евидентно и од имотните листови.
⛔ Со купување на овој објект кој има 71 м2 во приземје (54м2 станбен простор и 17м2 гаража), истата фирма се стекнала со правото за откуп на дворното место на предметната катастарска парцела, која во моментов се води на РМ. Откупот на дворни места е продолжен до 31.12.2021, со одлука од 10.07.2018.
⛔ По стекнување на целосна сопственост на КП 5884/2, поради оформување на урбанистичка парцела (бидејќи така е предвидена градежната парцела ГП 7.4 од ДУП Ј03.07), истата фирма би имала право на непосреден договор за откуп на соседната парцела КП 5884/1, која се води на РМ, според Член 15, став 4 од Законот за градежно земјиште, бидејќи би поседувале околу 50% (од потребни мин. 30%) од градежната парцела. Со тоа, повеќе не би имала пречки да пристапи кон барање за Одобрение за градење на објект А2-Домување во станбени згради.
⛔ Фактички, со купување на легализиран имот, односно куќа (А1) од 54 м2, компанијата на крај ќе се стекне со право на градба на зграда од П+3+Пк (или П+4+Пк), со бруто површина над 2500 (или 3000) м2 (барем колку е видливо од резолуцијата на табеларните прикази објавени од општината). Воедно, за пристап до истиот се предвидува и нова улица. И се е ова сосема легално и во рамка на законите и прописите…
👉 Прашањето е, дали е морално, и зошто токму планерите на тоа место предвидуваат таков објект? Дали Општина Карпош, која е нарачател и која го плаќа овој ДУП е запознаена со овој случај? Или сепак, нарачател е некој сосема друг?
👉 Со надвикување, пцости и насилие, како и со фабрикација на лажни вести, ништо од тоа што е битно нема да излезе на виделина, а можеби тоа и е целта?
Го сакам Водно