[Галерија] Средношколски бојкот во Скопје: „Како ќе доаѓаме на училиште, со боци кислород?“

Со маски на лицата и транспаренти, ученици од неколку средни училиште во Скопје утрово го започнаа најавениот бојкот, револтирани од огромното загадување на воздухот. Дел од нив се пожалија до редакцијата на Радио МОф за закани од професори и директори дека ќе им ги намалат оценките, ќе им пишат неоправдани и дека дополнително ќе ги обработуваат часовите.

Фото: Гимназија „Орце Николов“

Гимназијалците од средното „Орце Николов“ денеска ја бојкотираа наставата во дворот и холот на училиштето. Најавуват дека бојкотот ќе трае до 14 часот.

„Бојкотот се должи на загадувањето кое, нели, знаеме сите колку е енормно. Најпрво беше дека училиштето не е поврзано со загадувањето, а ние како ќе доаѓаме на училиште, со боци кислород? Сето тоа се должи на ова наше денес бојкотирање, кое е и еден апел до оваа држава да се разбуди и да сфати дека ние мора нешто да преземеме затоа што маглата нема да си отиде сама од себе. Мислам дека немаше вршење никакви притисоци, затоа што зборувавме и со директор и со служби. Беше кажано дека може да има некои последици од стилот дека не е ова поврзано со училишната настава. Ние сметаме дека е, и затоа сме денес тука собрани“, изјави средношколката Мелани Цветковска за Радио МОФ.

Фото: Гимназија „Орце Николов“

По бојкотот, средношколците најавија дека ќе продолжат на маршот за чист воздух од 17 часот пред Министерството за животна средина.

„Ние се организиравме и решивме денес да ја протестираме наставата заради револтот што го чуствуваме кон загадениот воздух. Многу е страшно да излезеш надвор и да те пече грло, очи да не можеш да дишеш, зошто властите ништо не прават и не мрдаат со прст. Сакаме промена и сакаме да можеме да дишеме зошто има страшни статистики за деца што се раѓаат со астма, сите имаме некакви проблеми со дишење, познавам многу луѓе лично кои сериозно им претставува тоа проблем. Го правиме ова со надеж дека ќе успееме да поттикнеме некаква промена, сакаме да покажеме дека сме сериозно загрижени за нашата иднина и сакаме да имаме почист град“, вели ученичката Емилија Митовска од „Орце Николов“.

Фото: Гимназија „Орце Николов“

Радио МОФ го посети и ГУЦ „Здравко Цветкоски“ каде ученици информираат дека нема организиран бојкот на наставата, но дел од нив одбрале да останат во своите домови.

Во гимназијата „Георги Димитров“, пак, се поделени. Дел ја бојкотираат наставата, а дел се вратија на настава. Велат дека повторно ќе се соберат од 15:30 до 16 часот.

Фото: Гимназија „Георги Димитров“

Во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ утрово биле собрани неколку ученици во школскиот двор каде речиси три часа ја бојкотирале наставата. Најавија дека се приклучуваат на денешниот марш од 17 час.

Велат дека до нив пристигнале закани од професори дека дополнително ќе ги обработуваат часовите и дека Министерството за образование не дозволува бојкот.

Фото: СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“

Фото: СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“

Фото: СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“

Неколку ученици во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ пак велат дека биле спречени да бојкотираат и дека професори им се закануваат со запишување неоправдани и намалување на оцени.

Фото: ДСУ „Лазар Личеноски“

 

Фото: ДСУ „Лазар Личеноски“

„На сите им е страв да излезат. Само една професорка не поддржува и ни дава да правиме постери за протестот од 17ч“, вели средношколка за Радио МОФ.

Младинскиот образовен форум синоќа ги повика учениците да пријават ако некој им врши притисок на училиште или ако на одреден начин им ги повредуваат нивните ученички права.

Повикот доаѓа откако скопскиот огранок на „Fridays For Future“ информираше дека директори на средни училишта вршеле притисок врз ученици да не ја бојкотираат наставата и да не учествуваат во денешниот марш за чист воздух.

Од МОФ ги упатија учениците да им се обратат на мејлот ucime_pravo@mof.org.mk за совет, проблем или пријава.

[Фото] Средношколци во Скопје од утрово почнаа со бојкотот

Средношколци од Скопје преку социјалните мрежи најавија бојкот на наставата во сите средни училишта, во знак на протест против високото ниво на загаденост на воздухот. Тие ќе бидат во холовите на училиштата, но нема да присуствуваат на часовите.

М.К. и Е.П.