Средношколци од неколку македонски градови денеска со бојкот на наставата решија да ги притиснат институциите да преземат сериозни мерки за справување со загадениот воздух. Дел од нив слободно го изразија својот револт со напуштање на наставата, други пак се соочуваа со закани од наставници или директори кои бараа од нив да не ги напуштаат часовите.
По најавите за можни притисоци врз средношколците кои сакаат со бојкот или излегување на вечерашниот протест да ја изразат својата загриженост од загадениот воздух и климатските промени, од Младинскиот образовен форум ги повикаа сите средношколци да ги пријавуваат сите форми на закани.
„Доколку средношколците сметаат дека преку организиран протест ќе го привлечат вниманието на јавноста и институциите кон аерозагадувањето, тогаш тие треба да имаат можност без притисок, закани и опструкции да ги искористат своите права. Младински образовен форум го поддржува ученичкото организирање и се залага за исполнување на уставно загарантираните права, во овој случај на средношколците. Ние стоиме на располагање на сите млади кои ќе се најдат во ситуација каде интегритетот на нивните ученички права би бил загрозен“, велат од МОФ.
Од Првата детска амбасада „Меѓаши“ дадоа отворена поддршка за средношколците, бидејќи, како што велат, на децата во Македонија им е загрозено најелементарнот право на живот поради загадениот воздух. Истовремено сведочат на притисоци кон нив и прашуваат кому му одговара младите да бидат на часови, да не учествуваат во општествено политичкиот живот и со молк да го прифатат загадувањето.
„Учениците имаат право да се самоорганизираат низ неформални форми на здружување и акции и да се залагаат за истите пред институциите кон кои се однесуваат барањата. Младите имаат енергија и решителност да го бараат од државата она што им е неприкосновено право, а тоа е чист воздух и никој тоа не може да им го забрани и ускрати. Наместо да ги казнуваме треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето незадоволство од загаденоста на животната средина и што е најважно да се потрудиме да им го обезбедиме правото да дишат! И да им се придружиме! Во другите европски земји наставниот кадар не врши притисоци за протестите што се одржуваат секој петок – Friday for future, напротив во многу училишта и како предмет се воведуваат климатските промени и загадувањето на животната средина. Наставниот кадар треба да ги поттикне учениците да бидат дел од промената и да им дадат можност да ги изразат своите ставови и барања“, децидни се од „Меѓаши“.
Скопскиот огранок на движењето „Fridays For Future“ се оградија од партиска агенда позади маршот и средношколскиот бојкот. Воедно, најстрого ги осудуваат сите обиди за партиска злоупотреба на нивните активности.
„Fridays For Future Skopje е младинско движење кое има мисија да ја подигне граѓанската свест за човековото влијание врз природата и да ги припреми граѓаните за климатските промени кои претстојат. Загадувањето, покрај огромното негативно влијание на здравјето, е една причините за забрзување на климатските промени. Затоа, Fridays For Future Skopje ги поддржува сите млади кои самоиницијативно, проактивно и искрено се приклучуваат на борбата за својата иднина, и ги поканува сите останати млади и возрасни – ученици, студенти, родители, баби и дедовци, да се приклучат во борбата за својата иднина и иднината на своите деца и внуци. Потребно е сите освестени граѓани уште еднаш да го искажеме револтот поради општата негрижа на институциите и бизнисот кои одредени политички центри го прават на штета на општото здравје на граѓаните“, стои во нивната реакција.
Ивица Трајковски е еден од малкумината наставници кои им дадоа поддршка на учениците. Како член на движењето „Fridays for future“, тој истакна дека е неопходно младите да се вклучат во борбата за чист воздух и справување со климатските промени. За тоа дека има закани кон учениците, вели дека е известен.
„Да, точно, и јас добивам такви поплаки од мои ученици. Јас го подржувам протестот и ќе земам учество во него. Воедно ги канам и сите ученици било основно или средно училиште, ова е наш град, а замислете, делиме и иста судбина без разлика дали сме 2 годишни или 80 годишни, дали сме професори или хигиеничари, нашата иднина се нашите деца и мора да сме критични кон секој кој ја загрозува. Се гледаме во 17ч“, порачува Трајковски.
Радио МОФ побара став и од Министерството за образование и наука, но засега нема одговор.
Повеќе од 40 граѓански движења и иницијативи здружени во коалицијата #ЗеленФронт за денеска од 17 часот закажаа марш, кој ќе започне пред Министерството за животна средина, а ќе заврши пред Влада.
Протестот е дел од глобалните демонстрации на движењето Fridays For Future на Грета Тунберг, кои секој петок се одржуваат во повеќе од 2300 градови на светско ниво.