,,Сега за сега, си носам стаклено шишенце со мене кое постојано си го надополнувам и не купувам ништо во пластика. Многу ми е интересно кога сфаќам дека дома имам над 30 платнени торбички, да, зашто се префраерски, но истовремено затоа што се одлична алтернатива. На училиште одам пешки, или евентуално со автобус. И не е многу. Далеку е од доволно, но почнувам да учам.”
Со оваа мала „жртва“ младата Калина Качоровска, се обидува да направи промена во својата средина. Таа беше дел групата млади кои во саботата, во гимназијата ,,Орце Николов“ организираа еко-иницијатива на тема ,,Екоизам” или ,,Не биди егоист, биди екоист”. Целта на настанот беше подигнување на свест кај младите за еколошките проблеми со кои секојдневно се соочуваат луѓето од цел свет, особено од нашата земја.
,,Првичната замисла, целта и реализацијата на настанот се преплетуваат. Сакавме да направиме нешто непретенциозно, без ,,попување”, чија единствена цел би била едукација на теми кои не се само актуелни, туку за кои, пред сѐ, е неопходно да се има знаење, затоа што веќе не станува збор за квалитет на живот, туку под знак прашање е дали воопшто ќе има живот за живеење. Би сакала да верувам дека вчерашниот настан, колку – толку, успеа во тоа“, раскажува Калина.
Присутните на настанот ги проследија говорите на Антонио Јовановски – претставник на ,,GoGreen” и Ели Пешева – претставничка на ,,О2 иницијативата“.
,,Испраќам огромна благодарност до GoGreen и O2. Не само затоа што нѐ почестија со нивното присуство, туку затоа што искрено се залагаат за она за кое секој е премрзелив, презаплашен, пренеедуциран да се залага. И успеваат во тоа. Од GoGreen ја сфатив важноста на тоа што со години сум го знаела, но не сум била доволно загрижена или свесна за навистина да го правам: да внимавам на секоја моја дневна одлука. Да гледам на ситуацијата како глобален проблем, но сепак да почнам да делувам локално, почнувајќи со моите дневни навики. Не звучи лесно, звучи далеку од интересно, но мене не ми се умира за 20 години, така што можеби е време да почнам да го практикувам истото. Од O2 иницијативата научив нешто што можеби звучи клише, но истовремено е клучот во даденава ситуација: никогаш, апсолутно никогаш да не се откажувам. Да пронаоѓам начини кои ми одговараат мене и на моите способности, моите знаења и истите да ги искористам како оружје во борбата за околина во која може да се преживее“, вели Калина.
Калина е млад активист со потенцијал да направи промена во општеството. Таа во моментот се гледа себеси како девојка полна со страст, ентузијазам и искрена, длабока желба, за сѐ во животот и за неа, најголем успех би бил доколку успее и во иднината да ја носи таа пасија во себеси. Таа исто така додава дека пред неколку години, нејзиниот одговор на прашањето: ,,Дали младите во нашето општество се свесни и спремни да направат промена?” ќе бил категорично НЕ! Но, денес, таа размислува поинаку.
,,Почнувам од себеси, продолжувам со сестра ми, а понатаму одам кон моите најблиски пријатели, па сѐ до луѓе кои воопшто не ги познавам. Гледам нешто што сакам да видам: заинтересираност. Страв. Желба за промена. И да, секако дека не станува збор за голема бројка на токму такви млади луѓе, меѓутоа кога ќе ја споредам ситуацијата со онаа од пред неколку години, јасно можам да кажам дека одиме напред. И не знам, можеби и не е доволно, но во мене има надеж. Ќе биде.”
Според неа, луѓето би се освестиле за проблемите со загадувањето само со влевање страв.
,,Звучи грубо, меѓутоа во даденава ситуација, стравот е најсилното оружје. Кога ќе им стане јасно дека ,,еј, нема бегање, не се гледа, не се чувстува, не се дише, ќе се умира” – можеби баш тогаш и тие ќе се фатат за глава. Баш тоа фаќање за глава е првиот чекор кон промената.”
Исто така, таа се движи според фразата „Support your local artists“ и токму затоа нејзиниот идол-екологист е Ирена Ристиќ.
,,Жената е незапирлива. Таа е токму она што ни е потребно. Успева да нѐ размрда сите како нација.Ѝ завидувам на енергијата!” Кога би ги советувала медиумите, претставниците на власта, возрасните и родителите, таа би им го дала советот да бидат гласни – за себе и за својата заедница.“
Ана Илиева