За капитализмот, политичката уметност и инспирацијата, зборувавме со Николај Олејников и Дмитри Виленски од рускиот уметнички колектив „Что Делат“. Колективот кој е основан околу 2003 година во Санкт Петербург, се бави со мултимедијална, политички ангажирана уметност. Повод за нивното доаѓање во Скопје беше изложбата „Сè што ни е заедничко“, која ќе се отвори денеска во Музејот на современата уметност во Скопје. Во интервјуто на Радио МОФ со Николај и Дмитри разговараме за нивното уметничко дело кое го изработија во Скопје.
Колку луѓе се дел од колективот „Что Делат“? Дали членовите се константни, или различни луѓе работат на различни проекти?
Николај: Колективот постои веќе седумнаесет години и во текот на овој период составот не се менувал премногу. Колективот брои десет луѓе, од најразлични сфери. Имаме филозофи, поет, кореограф, филмски режисер.
Дмитри: Ама најмногу има филозофи. Сите сме филозофи. :)
Што значи модерната уметност за луѓето во Русија?
Дмитри: За луѓето во Русија? – Ништо!
Николај: Само провокација. Ми текнува на еден филмски фестивал каде се прикажуваше „Tower. A songspiel“ и појдовме да ја гледаме премиерата. Приметивме дека кино-салата е полна со жени на возраст од 60 години и нагоре. Бевме комплетно ужаснати и исплашени дека воопшто нема да им се допадне филмот. Но, по прикажувањето многу од жените ни пристапија и ни рекоа дека не очекувале нешто такво, но им се допаднала политичката порака. Ни рекоа дека би сакале такво нешто да можат да гледаат на телевизија, односно содржината да биде попристапна. Тоа беше една од највозбудливите реакции на наша уметност.
Што може денес да се направи во врска со политичката уметност? Како таа може да му се спротивстави на капитализмот; капитализмот во уметноста и капитализмот како државен систем?
Николај: Сè уште има нешта кои може да се направат, не е важно дали веруваме или не дека може да успееме да го промениме системот, важно е да продолжиме да се обидуваме преку уметноста, преку секојдневниот живот, преку инволвираноста во политиката. Мојот личен одговор е дека мораме да продолжиме да се инволвираме во политичката борба, а истовремено да не се откажуваме од правењето уметност на различен начин. Не само против системот, туку и да се обидеме да го смениме системот одвнатр. Не само политичкиот систем, туку и уметничкиот систем, односно сцената. Уметничката сцена е опресирачка машина. Се обидуваме да го дадеме најдоброто од себе и ја перцепираме уметничката сцена како индустрија, а ние сме индустриските работници во овој систем. Унијата на индустриски работници е многу важна бидејки таа е контрапозиција на моменталниот систем на владеење.
Дали е возможно политичката уметност да допре надвор од балонот на сцената, до обичниот народ?
Николај: Сметаме дека треба да се трансформира начинот на комуникација. Но, тогаш се создава еден комплексен проблем- популистички речник. А левичарите се сомничави кон било кој популист. Добрите уметници, добрите политички иницијативи, многу добри филозофи – тие не се слушнати. И ние меѓу другото се обидуваме да го најдеме вистинскиот начин на комуникација. Секој може да види како јазикот се развива заедно со времето. Овој јазик на ослободување може повторно да стане популарен. Но без масите, револуцијата не е возможна. Без разлика колку е добра нечија политичка иницијатива, за промена потребни се маси народ, а за да ги привлечеш масите треба да си поп (популарен). А популарноста е сомнителна, популарни се Борис Џонсон и Доналд Трамп. За да се разбирани, тие го користат истиот популистички речник, меѓутоа го прават сè она што е против интересот на граѓаните. Луѓето го слушаат популистичкиот речник и паѓаат на него. Ова е наша реалност и ние се се бориме со истотото прашање, како нашиот јазик иствремено да го направиме попоетичен и поразбирлив.
Ако треба да ја објасните политичката ситуација со еден збор, кој збор би било тоа?
Николај и Дмитри: Темнина.
Што најмогу ве инспирира?
Николај и Дмитри: Најмногу минатото, граѓанските движења, бунтовите. Реалноста која предизвикува бес, нестабилност, застрашување.
Дали претходно знаевте нешто за политичката состојба во Македоноја, како ја дочекавте поканата?
Дмитри: Имаме пријатели оттука, а не привлече и политичкото минато односно поранешна Југославија. Македонија беше прилично застапена во медиумите поради промената на власта, реакционерскиот проект Скопје 2014, па е прилично важно место.
Која е инспирацијата за уметничкото дело кое ќе го создадете и изложите во Скопје?
Николај: Тоа е нова инсталација за веќе постоечки филм „Tower Songspiel“. Филмот ја обработува нашата сегашност, која станува се потемна. Ова е наша обсервација за состојбата со политичките бегалци кои се бавеа во сферата на нашата индустрија. Ние стапивме во контакт со неколку од нив и склопивме експериментален филм. Го снимавме на еден мал остров во Норвешка. Името на новата инсталација е „Safe haven“. И ќе биде готова… Се надеваме.
*Во продолжение погледнете го филмот „Tower Songspiel“, од кого е инспирирана новата инсталација на „Что Делат“.
Ивана Смилевска