Топ 10 ретроспектива на 2019 година

Кои настани ја одбележаа изминатата година, што ќе се памети, за што пишувавме, а што подзаборавивме? Радио МОФ, на крајот на оваа година, низ Топ 10 ретроспектива, потсетува на лекциите научени во 2019 година.

1.Зелениот активизaм од Фејсбук почна да се сели и на улица  

Активисти од #НеБидиЃубре ги засукаа ракавите и неуморно го чистеа јавниот простор. Покажаа дека активизмот не мора да биде проектно насочен или само онлајн, додека глобалното движење Fridays for future поттикна локални млади луѓе да го „закажат“ петок како ден за соединување и акција против климатските промени.

Проблемот со загадувањето натера над 30 организации да се приклучат на малата група Fridays for future, обединети како #ЗеленаРеволуција и #ЗеленФронт. На крајов од 2019-та низ скопските улици се случи масовен еко-протест, а здружените организации испорачаа над 200 барања до Владата поврзани со отпад, индустрија, депонии, шуми, урбанизација…

И средношколци се приклучија на протестите. Ги „окупираа“ улиците. Бојкотираа настава, политичките партии се препукуваа, а дел од училишните управи вршеа притисок. Директорката на „Никола Карев“ беше избркана поради закани кон ученици.

Активистите од „Го сакам Водно“ бараа заштитена и контролирана парк-шума. Охрид СОС се противеа на урбанизацијата на најголемото национално езеро, за кое УНЕСКО испрати ултиматум за чистење на дивоградбите.

„Урбаните артивисти“ поставуваа натписи против корупцијата во земјава, укажуваа на сообраќајна некултура, а исто така помогнаа дрвјата од Расадник да „родат“ згради, како протест против налетите на урбанизација. Во друга герила-акција, скопски дрвја со синџири „бараа“ слобода од бетонот.  Битолската иницијатива „Поинаку“ излегуваше на терен со натписи, свои корпи за отпад кои општината ги вадеше, го разубавуваше градот со цвеќиња и направи „хаос“ чистејќи автобуска постојка. Исто така, продефилираа на „Браќа Манаки“ со порака „Кажете им на облаците дека Битола умира“.

Ова беше активна година за граѓаните од Југоистокот. Под мотото „Стоп за рудникот на смртта“, се здружија активисти од неколку организации и иницијативи како „Здрава котлина“, „Младите на Иловица Штука против рудникот“, „Еко Долина“… Долго време протестираа, се собираа луѓе од повеќе генерации, правеа акции на терен, блокираа патишта, реагираа за притисоци, чекаа епилог од Владата и Второстепената комисија…

Сагата конечно заврши на крајов од годината. Владата одлучи еднострано да го раскине договорот со концесионерот, локалните граѓани излегоа на прослава, а „Еуромакс“ најави дека правдата ќе ја бара пред меѓународен суд.

2.Протести.. и по некој контрапротест 

Годинава беше одбележана и со протести на културни работници и огромниот транспарент „Колективен сега“. Протестираа пазарџии, хемичари, групата „Стоп за извршители“, контрапротестираа и извршители, но протестираа и луѓе во Визбегово потсетувајќи дека Тимјаник не е исклучок во борбата за инклузија. Иницијативата #СакамДаОстанам ги убедуваше младите дека земјава е добро место за живеење. Под хаштагот #СегаКажувам #КадеНеОдам се споделуваа лични приказни за сексуално вознемирување на јавен простор.

„Гласен текстилец“ со протести, апликација за помош, но и преку стрип „Супер текстилка“ се обидуваше да ги стави во фокус проблемите со текстилните работнички. Сведочеа дека работници се заклучуваат во фабрики, додека сопствениците им бараа плус работно време. Сто граѓански организации бараа Собранието итно да се донесе Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација. Законот е донесен, имплементацијата чека.

Налепници „Непристапно“ беа поставени на разни објекти во Охрид, Струмица, Скопје и Битола. Таму активисти алармираа за непристапноста на клучни јавни установи за лицата со попреченост.


Во 2019 година се случи првата Парада на гордоста. Граѓани маршираа од „Жена-борец“ до Градски парк за да испратат порака – „Љубов е љубов“. Имаше и индивидуални активистички блесоци. Борче од Кавадарци поправаше стари компјутери и ги донираше на децата од социјални семејства. Рита Бехадини од Тетово собираше училишен прибор за сиромашните ученици, а Љуљета Адеми стана првата жена со инвалидитет што го искачи Триглав. Се одржа и осмиот „Engage“.

3.„Да“ од НАТО и „Не“ од ЕУ – младите уште сѐ со куферите во рака

2019 започна со уставната промена на името. Покрај бројните дискусии, протести и отпор кај дел од јавноста, Република Македонија стана Република Северна Македонија. Потег кој требаше конечно да го откочи евроатланскиот пат на земјата.

И додека пристапувањето во НАТО се движи според очекуваното, со мали пречки на патот поради проблемите на Шпанија да состави влада, во врска со ЕУ преговорите, француското вето дојде како „ладен туш“.

Овој момент повторно ги актуелизираше проблемите со иселувањето на младите и нивните песимистички ставови во врска со неизвесната иднина на земјата. Дури и Стево Пендаровски изјави дека и тој би се иселил од С. Македонија, доколку не е претседател.

Обемната студија за млади на ФЕС покажа дека две третини од младите во С. Македонија сакаат да се иселат, мнозинството од нив на период подолг од 20 години или засекогаш. Песимизмот на младите беше изразен и во истражувањата на Вестминстер Фондацијата, каде помалку од третина од младите сметаат дека земјава се движи во правилна насока, а само 3% од младите се целосно задоволни од нивното место во општеството. Паралелно со ова, истражувањата покажаа и целосно нереални очекувања на младите, каде дури 70% од нив очекуваат С. Македонија да стане членка на ЕУ во следните 5 години.

4.Нема правда, има мир?

„Нема правда, нема мир“ беше една од клучните пароли на Шарената револуција. Но, токму недостатокот на правда беше една од работите кои ја одбележаа изминатава година.

Годината започна со амнестиите за 15 функционери и граѓани вмешани во „Крвавиот четврток“ во Собранието откако за тоа беше донесен посебно „скроен“ закон. За упадот во законодавниот дом потоа беа осудени шеснаесет лица на вкупно 211 години затвор.

Во меѓувреме процесите покренати од СЈО продолжија да се движат бавно и главно без разрешници, а во втората половина на 2019 силно одекна случајот „Рекет“во која беа приведени, па потоа и обвинети, неколку лица вмешани во корупција, меѓу кои се најде и специјалната Јавна обвинителка, Катица Јанева која потоа беше разрешена од функцијата.

По многу политички перипетии, СЈО и предметите поврзани со таканаречените „бомби“ од нелегалното прислушување, не добија заштита преку нов закон за јавно обвинителство, за кој не се најде консензус. СЈО, кое беше формирано поради нефункционалноста на Основното јавно обвинителство, повторно се врати во редовното обвинителство, каде, наводно, ќе продолжат непречено да се водат „специјалните“ истраги и обвиненија.

Јавноста особено беше револтирана по неколкуте случаи кои судовите прогласија крупни кривични процеси за застарени, како случајот со „Траекторија“ каде од кривична одговорност беше ослободен поранешниот премиер Никола Груевски. Цела година јавноста остана ускратена од информации за тоа како и со чија помош Груевски пребега во Унгарија, а ниту еден функционер не поднесе одговорност за бегството на поранешниот премиер осуден на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.

И додека дел од високите функционери избегнуваа казни, претставници на Шарената револуција продолжија да добиваат глоби за фрлањето боја врз институциите.

5.Студентски избори, младински политики и корупција во образование

По пауза од неколку години, откако се крадеа кутии и тепаа студенти, повторно се организираа студентски избори. Изборите дојдоа откако се завлечка спроведувањето на Законот за високо образование. Целта е да се зајакне студентското организирање, да се формираат собранија и легитимни студентски претставници, но и универзитетите да добијат студентски правобранители за борба против академската корупција.

Студентски избори без инциденти, но со слаба излезност од 14%

За системска корупција во високото образование алармираше НАкС, истражувајќи дека платите се нерамномерни, а распределбата се врши произволно и врз политички параметри, без можност за контрола. Корупцијата во студентските домови, пак, беше истражувана од МОФ. Заклучоците беа дека има лоши услови за живот, недостиг од организирање и само 61 денар за три оброци. Покрај ова, 33 отсто студенти искусиле корупција, било преку добивање легла или одредени привилегии за време на престојот.

Академската заедница реагираше дека парите што се издвојуваат за образование се меѓу најниските во Европа – изнесуваат околу 3,7% од БДП. Ребалансот на буџетот „скрати“ 14 милиони евра за образование, односно инсвестиции во училишта, високо образование и домови. Различни реакции стигнаа и откако Владата, со предлог-буџетот за 2020, реши да се намалат средствата за студентски и ученички стандард, високо образование и наука, за голем дел да отидат на плати и спортски сали.

Тројно повеќе за спортски сали, отколку за училишта – Каков е предлог буџетот за образование во 2020?

Годинава ја одбележа епидемија на морбили, вакцините и дискусиите за (не)имунизирањето на децата во градинка и училиште. Исто така, во 2019 година беше донесен Законот за основно образование, кој пак отвори јавни дискусии за тоа колку училиштата се спремни за инклузија. Општините беа малку „затечени“, без предвидено доволно пари, а самите образовни асистенти рекоа дека им е потребна поголема поддршка од наставниците и соодветни услови за работа.

На Час – Дискусии за подобро образование

На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во емисијата #НаЧас гостуваат Елеонора Наумоска, специјален едукатор и рехабилитатор и Дарко Медарски, психолог.Разговараме за тоа до каде е инклузијата во образованието, каква е работата на образовните асистенти и што ќе се случи откако ќе завршат проектите. Следете Радио МОФ!

Posted by Радио МОФ on Tuesday, 3 December 2019

Се актуелизираше и недостатокот на учебници, грешките во книгите, се воведе „Европска младинска картичка“, а Владата конечно најави пилот-проект за Сеопфатно сексуално образование. Во 2019 година почна да се „крчка“, но не успеа да се донесе Законот за млади.

6. МУЗИКА – Нашиот саундтрак за годинава е „Лаганини секој ден ден ден“

Оваа година воопшто не беше тивка! Сите колективно ја рокавме „Лаганини“ од ZeeBomb (Насте и Шишка)-, групата која конечно ги сплоти музичките вкусови. Тие ни беа на гости во „Kicks and Geeks“ заедно со Матеј Фолц, кој пак направи малку помалце да се мразат понеделелниците.

[Видео] Engage Kicks & Gigs: Foltz & ZeeBomb

Годинава добивме и македонска траперка. Princess Donatsu од „MVRSVR“ ја издаде песната „Битола“, која набргу ги обедини сите чупиња кои сакаа македонски вокал да ги испее љубовните проблеми на новите генерации.

Вистинско освежување оваа година беше и тетовскиот рапер S.A.M кој минатата година го издаде својот прв деби албум „Огледало“. Никола експериментира со грајм, трап и олдскул рап звуци, па неговата динамика го издвојува од останатите изведувачи.

2019 беше еден голем подиум. Оваа година добропознатите македонски фестивали ‘ја сменија играта’, давајќи им простор за изразување на младите македонски уметници. На „Здраво млади“, музичките ентузијасти можеа да денсаат на „Nipplepeople“, „Svemirko“, „Fujiya & Miyagi“ и на домашните „ZeeBomb“, Матеј Фолц и „Rib“.

Хрватскиот рапер Војко В, кој со својот прв соло албум успеа да го обедини Балканот, настапуваше и на летниот отворен фестивал „Д Фест“ и на скопски „Таксират“. Публиката скокаше во 7/8 ритми на „Zovi covika“ и химната „Ne moze“. На „Д фестивал“ младите имаа можност во живо да ги видат трап изведувачите кои беа трендинг на Балканов, како „Fox“ и „Surreal“ од Србија и хрватските „Куку$“.

[Интервју] Војко В: Во целиот регион, во музичка смисла, постојат празнини кои ќе бидат пополнети од идни изведувачи и продуценти

Фестивалот Таксират сцената им ја отстапи на ЛД Пистолеро и Страјк, две имиња на олд скул македонскиот рап, чии фанови долго очекуваа да ги гледаат во живо. За клаберите, настапот на Свен Ват беше одлична завршница на овогодинешниот фестивал.

Откако ја извојува битката со Министерството за култура, „Skopje Jazz фестивал“ на публиката и ја претстави најдинамичната програма на чело со Дејвид Торн и „Фред Фрит трио“. Запамени ќе бидат и настапите на „Art ensemble of Chicago“ и „Џијан Емин & the magical orchestra“.

7. Медени филмови од медената земја и #УраЗаКултура

Се чини дека успесите кои ги постигнаа македонските филмови во 2018, продолжија и во 2019. Позитивните критики за македонскиот документарен филм „Медена Земја“ од Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, зуеја низ етаблираните весници како „Guardian“, „Newyorker“, „New York Times“, „Rolling Stone“ и „Vanity Fair“, откако „Honeyland“ освои три награди на филмскиот фестивал „Санденс“. Директна пофалба македонскиот документарец доби и од познатата актерка Сара Џесика Паркер и познатиот американски комичар, Мајк Бербиглија.

Медена земја се најде на предфиналната листа на Академијата, пред да се објават официјалните номинации за овогодинешниот Оскар. Стискаме палци и ти ја посакуваме оваа искрено заслужена награда, Атиџе!

Оваа година се одбележаа 25 години од премиерата на филмот „Пред дождот“ кој беше првиот македонски филм за Оскар. 25 годишнината на филмот, режисерот Милчо Манчевски лично ја прослави со уште една успешна премиера. Неговиот најнов филм „Врба“ повторно ги освои кино – салите ширум светот.

Македонски филмски амбасадор оваа година беше и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска. Филмот на претставуваше Северна Македонија на многу филмски фестивали ширум светот и освои награда на Филмскиот фестивал во Берлин.

Млади ликовни уметници преку конкурсот на Младинскиот Културен Центар насловен „Skopje street art graffiti gallery“ цртаа графити и мурали на Гратскиот Трговски Центар. Скопје доби уште едно ново урбано обележје со муралот на познатиот хрватски уличен уметник Лонац. Муралот со наслов „Тамбурица“ го краси новиот парк за Филхармонијата.

Во 2019 и кажавме збогум на „Менада“ која ќе ја паметиме по вино и поезија. Традиционално, 2019 ја испративме со настанот „Под земја полесно се дише“. КУЛА го одржа седмото издание на „Под земја полесно се дише“, „Омнибустопија“ ги извозе посетителите до 2020 година.

[Фото] Културна „окупација“ на автобус на ЈСП

МКЦ ја одбележа годината со својата разновидна културна програма, а доби поддршка и од десетити културни дејци, уметници, новинари, професори, активисти, кои со јавно писмо се противеа на потенцијални промени во уредувачката структура на МКЦ. Организацијата „Културно ехо“ преку акции и собири побара ревитализација на старите напуштени објекти, за да станат функционални културни центри, користени од локалното население или млади иницијативи. Организации, активисти и уметници го начнаа и прашањето како со солидарност и поддршка до повеќе култура во јавните простори.

Со солидарност, ентузијазам и поддршка до повеќе култура во јавните простори

8.Луѓето скенираа сметки, а платите растат во предизборие

Во декември 3 милиони денари легнаа на жиро-сметките на преку 180.000 граѓани кои половина година скенираа фискални сметки за владиниот проект за поврат на 15% од платениот ДДВ. Институциите преку смартфон апликацијата „МојДДВ“ го олеснија овој комплексен процес чија цел беше поголема даночна дисциплина и поефикасно издавање фискални сметки.

Од економските политики годината ја одбележи и „попишманувањето“ на Владата во врска со прогресивниот данок, кој требаше да овозможи ублажување на јазот меѓу најбогатите и најсиромашните. Примената на овој данок беше ставена во мирување три години, а во сила повторно се врати рамниот данок за кој власта претходно тврдеше дека им користи само на најбогатите.

Кон крајот на годината минималната плата беше зголемена на 14.500 денари, а овој процес ќе се одвива паралелно и со буџетското субвенционирање на дел од придонесите за оние кои ќе решат да ги покачуваат платите. Пред влезот во изборната 2020 година, Владата одлучи и за дополнително зголемување на платите во здравството и образованието, како и покачување на пензиите од следната година.

9.Републиката повторно во пламен

Пламени јазици „голтнаа“ стотици хектари од шумскиот фонд од земјава. Најпрво во март и април, а потоа и во октомври се ширеа пожари насекаде низ Македонија. Истовремено по медиуми се ширеа слики и видеа како горат ридови, цели шуми, пасишта, а мобилизираните локални граѓани, пожарникари и војска очајно се обидуваa да ја сопрат огнената стихија.

Ситуацијата на моменти ескалираше. Граѓани бараа одговорност. Владата тврдеше дека има засилени контроли, дека некои пожари се подметнуваат, бараше да не се палат стрништа, а беше воведена и забрана за движење низ шума.

Пожарите во велешко оставија огромни последици за животните и растенијата во тој крај. Само во пожарот кај езерото Младост изгоре голема површина на борова шума од околу 200 хектари, а проценките се дека од оваа огнена стихија биле зафатени вклупно околу 400 хектари шума и трева.

10.(Дез)информации и медиумска (не)писменост

Лажните вести, дезинформациите, манипулациите и (не)етичкото однесување на интернет се најдоа во агендите во владиниот и невладиниот сектор. Владата стартуваше Акциски план за борба против дезинформации, кој вклучува разни протоколи и проактивни мерки, но отвори прашања дали се темели на реалност или празни ветувања.

Истовремено, организациите спроведуваа кампањи за медиумска писменост, за критичко размислување и „филтрирање“ на разните содржини што пролетуваат низ порталите и Фејсбук. Медиумската писменост, сметаа медиумските работници, не може да остане заглавена во медиумите и неформалното образование. Да не остане само како проект на организациите и донаторите, туку да биде префрлена и во образовниот систем.

[Став] Медиумската писменост – зависен круг од медиуми, образование, одговорност и доверба

Членките на Мрежата за медиуска писменост годинава за прв пат се здружија за да организираат Денови на медиумска писменост, кои од првично најавените недела дена траеја три недели.

Јасно и Гласно: Борба со дезинформации – реалност или празни ветувања?

Во оваа дискусија разговараме за проблемот со дезинформациите во медиумите, но и за тоа како институциите се справуваат со оваа се помасовна појава. На кое ниво е медиумската писменост кај младите и како таа да се подобрува. На оваа тема, гости во студиото на Радио МОФ се: Деница Чадиковска, новинарка во ИРЛ Македонија, Емилија Петреска Камењарова од ААВМУ и Петрит Сарачини од секторот за комуникации на Владата

Posted by Радио МОФ on Thursday, 24 October 2019

Новинарските здруженија, пак, формираа Регистар за професионални онлајн медиуми. Овој Регистар треба да помогне на јавноста, но и на бизнис заедницата, полесно да распознаваат кои медиуми исполнуваат критериуми, дали се придржуваат до новинарскиот кодекс при работењето, исто и транспарентно сопствеништво и импресум.

И за крај бонус – Кои беа младите кои создаваа и инспирираа

Младите годинава нè направија навистина горди. Тие предлагаа и создаваа решенија, победуваа на меѓународни натпревари и инспирираа промени во своите заедници.

Две сребрени и три бронзени медали освои македонскиот тим на шеснаесеттата Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, во Доха, Катар. Ваквиот успех продолжи и во Јужна Кореја, каде група средношколци освои една златна и три бронзени награди на 13-тата Светска олимпијада по геонауки.

И во информатиката имавме успеси. На годинешната Интернационална олимпијада по информатика во Азербејџан, двајца македонски ученици освоија бронзени медали. А бронзени медали освои и тим средношколци на реномираната Меѓународна олимпијада по хемија (International Chemistry Olympiad – IChO), која годинава се одржа во Париз, Франција.

За првпат, земјава освои златен медал на Европското кадетско првенство во Фаенца, Италија со победата на младиот Бесир Алили.

Младата Франка Граждани ни демонстрираше како може да го наполни својот телефон додека чекори – дипломски труд со кој покажа дека и жените имаа поеднаква улога во научните истражувања.

Девојката која за дипломска направи патики со кои си го полни телефонот

22-годишната Франка Граждани може да го наполни својот телефон додека чекори.Нејзините патики имаат „паметни влошки“ кои енергијата од пешачењето ја претвораат во струја.Овој проект беше нејзина дипломска работа на Машинскиот факултет во Скопје. Слични производи постојат во светот, а Франка се одлучила за вакво решение бидејќи ја интересираат инженерски решенија кои можат да ја искористат енергијата добиена од вибрации и бучава.Таа објаснува дека поради користење на ефтини материјали, полнењето на телефонот не е доволно брзо, додека со поквалитетни елементи, нејзините „паметни влошки“ би можеле да бидат многу поефикасни.Франка сè уште не знае дали ќе продолжи со образованието или ќе бара вработување. Но, она што го знае е дека најмногу ја привлекува кариера во автомобилската индустрија.Видеото го подготви Даниел Евросимоски

Posted by Радио МОФ on Thursday, 11 July 2019

Средношколецот Орхан Багашов од Тетово, пак, е добитник на бројни награди и признанија, а во моментов работи на својот робот-рака, кој може да се применува во медицината и светот на роботиката.

Сашо Јандрески, 16-годишен гимназијалец, ученик во втора година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“ измисли и патентираше нов, уникатен шприц за инјектирање лекови и корисен во медицински цели.

Студенти од државните студентски домови во Скопје  ги преземаа работите во свои раце и ги направија нивните простории поубаво место за дружба, но дадоа и критики за тоа што под итно треба да се смени.

И младите бизнисмени преку свои успешни приказни покажаа волја да ги вложуваат талентите и идни планови во нивната држава.

Средношколци од „Орце Николов“ покренаа иницијатива која им помага на нивните врсници отворено да зборуваат за проблемите со насилството во училиште. Тимот „Андромета“, пак, направи апликација која треба да придонесе за унапредување на менталното здравје меѓу младите.

Нашиот радиоводител Александар Матовски – Цако годинава дипломираше и стана дипломиран професор по предучилишно воспитание. Единаесетгодишниот застапник за деца со попреченост од Македонија, Јане Велковски, од глобалниот самит на Обединетите нации (ОН) во Њујорк на возрасните им порача дека мора да прават сѐ за детските права, да ги остранат бариерите на најмладите и да стават крај на диксриминацијата.

Дека младите се креативни и талентирани, покажавме со нашите нови рубрики на Инстаграм – #ИнстаИлустрации и #ИнстаПоезија. За само половина година, споделивме десетици илустрации и поеми.

Радио МОФ