Јасно и гласно

Јасно и гласно

„Јасно и гласно“ е емисија посветена на проблемите кои ги засегаат младите, но и на предизвиците со кои се соочуваат во својата област.

ПЕТТА СЕЗОНА

 

ЕПИЗОДА 6  

По пандемијата, колку младите почнаа да излегуваат на теренски активности? Имаат ли младите потреба од нови простори за здружување? Зошто е заглавен Законот за младинско учество, кој требаше да им помогне на младите во нивниот активизам и социјален развој? Потребна ли е Програма за служба на заедницата во училиштата?

На овие прашања дискутиравме во новата епизода од „Јасно и гласно“.

Соговорници ни беа Мариана Ангелова, генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Ангел Димитриевски, програмски координатор на Здружението за едукативен развој „Еквалис“ и Михаил Каровски – Натрикс, дел од колективот на Социјалниот центар „Дуња“.

ЕПИЗОДА 5

Од волшебно застарување на судски случаи против високи функционери, преку чудесни пресуди, до последниот блам со „Играта на тронови“ во Судскиот совет, македонското правосудство скока од скандал на скандал и само докажува дека ја заслужува ниската доверба кај граѓаните.

Во оваа епизода на „Јасно и Гласно“ разговараме за тоа како се најдовме во оваа ситуација, како состојбата во правосудството влијае врз младите и кои се решенијата за подобрување на оваа област.

Разговараме со Лејла Тутиќ, од Коалицијата Сите за правично судење и Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници.

ЕПИЗОДА 4 

„Дали ќе го преживеам ова возење со такси?“, „Дали ќе го преживеам овој месец?“, „Дали ќе го преживеам породувањето?“ се дел од прашањата што во последно време ѝ се актуелни на јавноста, а кои го предводат и слоганот на овогодинешниот осмомартовски Марш за женски права – „Ќе преживеат ли жените овде“.

Во оваа епизода на „Јасно и гласно“ заедно со Ангела Јовановиќ, млада земјоделка, Мерита Мустафи, параправничка во Асоцијација за Демократски Развој на Ромите – „Сонце“ од Тетово и Кристина Ампева, претседателка на здружението „Гласен текстилец“ од Штип, меѓудругото, разговараме за породилното отсуство на земјоделките, почитувањето на женските работнички права, како и можностите за образование на Ромките.

ЕПИЗОДА 3

Напади на новинари, директор кој навредува новинарка и поранешен министер во обид да цензурира новинарски текст. Се` ова се случаи само од минатиот месец.

Непријателската и небезбедна атмосфера во која работат новинарите се` повеќе наликува на едни времиња, кои требаше „никогаш да не се повторат“. Паралелно новинарите работат во лоши услови, мета се на притисоци и закани, примаат потпросечни плати и често работат и надвор од своето работно време.

ЕПИЗОДА 2

Колку медиумите имаат капацитет да отстапат место во своите редакции за младите со атипичен развој, со разни состојби и попречености? Доволно ли е медумите само со еден текст да го одбележат Светскиот ден на лицата со попреченост, за да ја исполнат должноста кон јавноста за оваа група граѓани? Треба ли медиумите да се фокусираат и на нивните способности и потенцијали, наместо само тажни и пасивни приказни? Дали со тоа што се покриваат лицата на атипичните деца, медиумите вршат дополнителна маргинализација?

Ова се дел од прашањата на дискусијата „Јасно и гласно“, со која Радио МОФ се приклучува на Деновите на медиумска писменост.

ЕПИЗОДА 1

Неколку инциденти што се случија последниов период, повторно во јавноста го актуелизираа прашањето на проблемот со меѓуврсничкото насилство. Истовремено, според истражувања од невладиниот сектор, учениците ја губат довербата во училишниот психолог.

Тоа претставува генерален проблем бидејќи токму училиштето е местото каде основците и средношколците поминуваат најголем дел од денот.

Како тие се справуваат со булингот на училиште и надвор од него? Колку учениците ја сметаат за достапна можноста за советување и барање помош од училишниот психолог, но колку истата учениците ја сметаат за достапна? Дали работата на психологот се сведува само на советување или е потребен поголем труд за да се зборува со учениците на за нив чувствителни теми?

ЧЕТВРТА СЕЗОНА

ЕПИЗОДА 6

Јуни е месец на гордоста и славење на правата на ЛГБТИ+ заедницата, а во земјава овој јуни се случуваат и 10 години од одржувањето на автентичниот квир фестивал „Скопски викенд на гордоста“ и третиот марш на гордоста – „Skopje Pride“.

Оттука во „Јасно и гласно“ зборуваме за напредокот на правата и препреките со кои сѐ уште се соочуваат лицата на ЛГБТИ+ заедницата во екот на среќниот месец кога низ целиот свет одекнуваат слоганите за споделување љубов, прифаќање и овозможување еднаквост.

Нашите гости во емисијата се Славчо Димитров од Коалиција Маргини / Coalition Margins, воедно куратор на „Skopje Pride Weekend“, Јована Јовановска правна советничка при Центарот за поддршка на ЛГБТИ лицата во Македонија, воедно и дел од организацијата на Skopje Pride и Дејан Сламков водител на шарениот поткаст „Save our Children“.

ЕПИЗОДА 5

Поминаа шест месеци од локалните избори и откако во Советите влегоа повеќе независни советници. Граѓанските иницијативи тргнаа да прават промени, чекор напред кон локалната развојна демократија и проблемите на заедниците. Истовремено да им ја матат водата на партиите, чии активности некаде се покажаа како нефункционални, често со спреги и сплетки, инает кон опонентот или со неодржливи политики за јавниот интерес.

Оттука, фокусот на оваа дискусија „Јасно и гласно“ е што се случува откако независните советници почнаа со работа, на какви проблеми наидоа, што е направено и на што треба да се работи во иднина.

Зборувавме со Габриела Илиевска од иницијативата „Поинаку“ од Битола, Јана Белчева од „Шанса за Центар“ и Хамди Сулејмани од „Подобро за Тетово“.

ЕПИЗОДА 4

Во моментите кога јавноста е затрупана со партиски соопштенија, дезинформации, „клик-бејт“ наслови на социјалните мрежи и вистинска експлозија на портали кои презентираат сè само не добро новинарство, ретки се светлите примери на новинари кои расветлуваат теми кои моќниците сакаат да останат скриени, професионалци кои се жртвуваат за вистината и се обидуваат да го одбранат јавниот интерес.

Со Ирена Каревска и Ивана Настеска, две млади новинарки кои изминатиов период ги добија највисоките признанија во Македонија за истражувачко новинарство, во новата епизода на „Јасно и Гласно“ разговараме за проблемите и предизвиците во нивната работа, но и за тоа на кое ниво е новинарството во земјава.

ЕПИЗОДА 3

Дури третина од студентите почувствувале дискриминација на своја кожа, а скоро 7% од идните академски граѓани пријавиле дискриминација на нивниот факултет. Поразително е и тоа што само 8% од студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација.

За тоа колку дискриминацијата е присутна во високото образование и како студентите реагираат на оваа појава во оваа епизода на „Јасно и Гласно“ дискутираме со:  Софија Георгиевска, професорка на Филозофскиот факултет при УКИМ и авторка на истражувањето, Теа Мицевска, студентска правобранителка на УКИМ и Елена Петровска, од Мрежата за заштита од дискриминација.


ЕПИЗОДА 2

Има ли некаква одговорност по основа на дискриминација за малата Ембла? Овој случај беше изолиран, или е еден од многуте во
македонските училиштa? Кој е коренот на дискриминацијата во школите? Треба ли поголема едукација за кадарот, подобри услови и буџети во училиштата, за тие да бидат промотори на инклузија, а не на дискриминација?

Соговорници ни се Исмаил Камбери од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, потоа Сузана Стојановска од Здружението „Доза среќа“ и мајка на дете со Даунов синдром и Данче Тодоровска, специјален едукатор и рехабилитатор од Здружението „Креатива Исток“.


ЕПИЗОДА 1

Устите на политичарите и функционерите често се полни со ветувања за младите. Сепак, во пракса, многу малку од овие заложби вистински и целосно се реализираат. Пред гласањето на новата Влада, во ресорите кои се важни за младите, повторно има промени и на чело на овие институции доаѓаат нови луѓе и нова неизвесност во која насока ќе се движат овие институции.

Наши гости се Марија Крстевска, претседателка на НМСМ, Блажен Малески – истражувач во „Реактор“ и Кристијан Фидановски – политиколог и докторанд на Универзитетот во Оксфорд.


ТРЕТА СЕЗОНА

ЕПИЗОДА 6

„Стоп за полициска бруталност“, студентските демонстрации, Шарена Револуција… Години подоцна, дали и колку се исполнија очекувањата на граѓаните кои чекореа по македонските улици и бараа промени?

Со нас во оваа епизода на Јасно и Гласно се луѓе кои директно беа вклучени во граѓанските движења во тој период. Со Ирена Стеријовска, Александар Донев и Борјан Ѓузелов разговараме за тоа дали граѓаните се разочарани од состојбите во општеството, но и за тоа дали очекуваат да се појави нешто ново што ќе ги придвижи граѓаните да излезат на улица.

ЕПИЗОДА 5

Инспирирани од последниот извештај на најголемата ЛГБТИ организацијата ИЛГА – Европа, тема на денешната дискусија „Јасно и гласно“ е (не)прифаќањето на ЛГБТИ луѓето во нашето општество. Кои се проблемите на оваа навистина разнолична група, со какви предизвици се соочуваат, но и колку навистина се почитуваат основните човекови права на луѓето со различна сексуална ориентација или родов идентитет.

Гости во оваа емисија се Елена Петровска од Коалиција Маргини, Зорица Николова, психолог и менаџерка на Сигурната куќа за ЛГБТИ лица и Давид Тасевски, псиголог и извршен директор на Субверзивен фронт.

ЕПИЗОДА 4

Во една посојана атмосфера на партиски препукувања и несуштински дискусии, анкетите со години наназад покажуваат дека младите немаат висока доверба во Собранието како институција, а не се ниту заинтересирани да ја следат работата на нивните избраници или пак да се вклучат во работата на законодавниот дом со свои предлози и иницијативи.

Кои се причините за оваа состојба? Што е она што ги одбива младите од „домот на демократијата“? И дали тие во собранието се само декор или се трудат да направат доволно промени за да се смени овој лош имиџ?

На овие теми во емисијата Јасно и Гласно разговараме со дел од најмладите пратеници во овој собраниски состав – Моника Зајкова, пратеничка од Либерално Демократската партија и Јован Јаулески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

ЕПИЗОДА 3

По скоро две години отсуство и неколку неуспешни обиди, конечно беше избрана новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација, креирана според новиот закон, со пошироки овластувања, како самостојно и независно тело.

Во денешната емисија „Јасно и Гласно“, ни гостуваат двајца од новоименуваните членови Игор Јадровски и Исмаил Камбери. Со нив дискутираме за тоа што се случува со комисијата, какви се плановите за работа и кои се очекувањата откако еден месец по изборот не слушнавме ништо за нејзината работа…

ЕПИЗОДА 2

Масовни отпуштања и раскинувања на договорите за работа во сред пандемија, ниски плати, лоши услови за работа, мобинг… Ова се само дел од проблемите на илјадници македонски граѓани кои едвај крпат крај со крај од почетокот до крајот на месецот за да ги задоволат најосновните животни потреби.

Во оваа епизода на Јасно и Гласно, на Денот на човековите права, разговараме за работниците и за оние кои останале без работа. Колку се заштитени нивните права и достоинство? Дали недела како неработен ден ќе смени нешто или само дефокусира од вистинските проблеми? Каде се синдикатите во целата оваа равенка?

Дискутираме со Вилдан Дрпљанин, активист за човекови права и правен советник во Хелсиншкиот комитет, Кристина Ампева од здружението „Гласен Текстилец“ и Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикатите на Македонија.


ЕПИЗОДА 1

Теориите на заговор и дезинформациите не се ништо ново, но денеска, кога светот се соочува со светска пандемија и кога социјалните медиуми се меѓу главните извори преку кои се информираат граѓаните, тие стануваат се поголем проблем во општеството.

Зошто овие содржини се толку привлечни за голем број луѓе? Како се шират и како можеме да се заштитиме од нивното влијание?

На овие теми разговараме со комуникологот и експерт за нови медиуми, Бојан Кордалов, Росана Алексоска од F2N2 и Владимир Петрески од Сервисот за проверка на факти од медиумите.

ВТОРА СЕЗОНА

ЕПИЗОДА 8

Новата епизода од „Јасно и гласно“ е посветена на предизвиците со кои се соочуваат младите поради појавата на новиот коронавирус, полициските часови и ограничувањето на движењето.
Гости во емисијата се средношколката Михаела Трајкоска, студентот Георги Божиновски, Калиа Димитрова од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Сара Ферро која во моментов е сместена во државен карантин во Маврово.

 

ЕПИЗОДА 7

Каков е 8 Март за најранливите? Ова е темата за денешната емисија „Јасно и гласно“, во пресрет на Меѓународниот ден на жената.

Гости во студиото на Радио МОФ се Елена Димушевска, извршна директорка на Национална Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Сибел Бајрам, наставничка и претседателка на неодамна формираното здружението на жени Ромки „Лачо Диве“.

 

ЕПИЗОДА 6

Инспирирани од случајот „Јавна соба“, зборуваме за тоа колку младите се едуцирани за да се справат со сајбер булингот, зошто се случи „Јавна соба“, но и дали може да биде сопрена.

Гости во студиото на Радио МОФ се Клементина Аврамовиќ, од Сојузот на средношколци, Емилија Митовска од иницијативата Шер, која работи на подигање на свеста на менталното здравје и психологот Гордана Блажевска Спиридонова од гимназијата „Никола Карев“.

 

ЕПИЗОДА 5

По две години работа, Собранието конечно го донесе Законот за млади со кој се предвидуваат различни форми и сервиси за младинско организирање за поголемо влијание врз младинските политики.

Колку овие идеи ќе останат на хартија, а колку ќе поттикнат конкретни промени во улогата на младите во македонското општество?

На овие прашања во „Јасно и Гласно“ разговараме со Ана Манасиева од Агенцијата за млади и спорт, Гордана Колова од Националниот младински совет на Македонија и Владимир Костовски од Сојузот на извидници на Македонија.

 

ЕПИЗОДА 4

Во оваа дискусија „Јасно и Гласно“ се осврнуваме на последното истражување на Вестминстер фондацијата за демократија и Младинскиот образовен форум кое покажа дека младите во земјава се меѓу апатија и оптимизам, со конзервативни и хомофобични ставови.
Дискутираме со истражувачот Мартин Галевски, студентите Ангела Најдоска и Борјан Менкиноски, и средношколецот Благоја Насковски.

 

ЕПИЗОДА 3

Оваа епизода е посветена на активизмот за воздух и зелената револуција. За протестите, (не)можноста да се обезбеди чиста животна средина, за граѓанските барања и решенија разговараме со Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“ и Јана Василевска од „Fridays For Future Skopje“ и Мирослав Богдановски, од Инспекторатот на Град Скопје. Од Министерството за животна средина беа поканети, но не успеаја да обезбедат претставник.

 

ЕПИЗОДА 2

Во оваа епизода на „Јасно и Гласно“ разговаравме за проблемот со дезинформациите во медиумскиот простор и како може да се подобри медиумската писменост кај граѓаните.
Гости во студиото на Радио МОФ беа Деница Чадиковска, новинарка во ИРЛ Македонија, Емилија Петреска Камењарова од ААВМУ и Петрит Сарачини од секторот за односи со јавност на Владата.

 

ЕПИЗОДА 1

Со #СегаКажувам #КадеНеОдам започнa втората сезона на емисијата „Јасно и гласно“ на Радио МОФ. За стравот, молкот, предрасудите и сексуалното вознемирување на жените разговараме со писателката и професорка Румена Бужаровска, како и со активистката Калиа Димитрова, уредничка на феминистичката платформа „Медуза“.