Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, односно измените за медицински канабис, деновиве влегоа во фокус на јавноста. Компании бараат да се протурка предлог-Законот за да може да извезуваат сув цвет, тврдејќи дека имаат загуби со канабис, додека пратеници во Собранието се расправаат за решенијата, а министерот Венко Филипче вели дека измените се исчекор што ќе овозможат подобра контрола и вработувања. Истовремено, здруженија сметаат дека македонските пациенти и нивните потреби за канабис се изоставени од целава ситуација.
Јанаки Митровски, адвокат и активист од „БИЛКА“, вели дека едно од првите барања кои ги истакнало нивното Здружение при формирањето, е дека Законот треба да се доработи и да се дозволи извоз на цвет. Профитот, вели тој, е неоспорен и ниту тој, ниту било кој од „БИЛКА“ има нешто против.
„Но, факт е дека иако легализација на канабис во медицински цели подразбира легален пристап до канабис за болни и сузбивање на црн пазар, кај нас тоа и по четири години (од носењето на првите законски измени во 2016 н.з.) не се случи, иaко има триесетина лиценцирани фирми. Сите до една се извозно ориентирани и македонските граѓани немаат буквално никаков бенефит од нивното постоење, ниту пaк ќе имаат бенефит ако се дозволи извоз на цвет“, вели Митровски за Радио МОФ.
Според него, граѓаните ќе имаат бенефит ако производителите пласираат производи на пазар, што, вели тој, не го чинат, ниту се заинтересирани да го чинат.
„Факт е дека Македонија е мал пазар, но владата требаше да го примени предлогот на ‘БИЛКА’ да секоја компанија која е строго извозно ориентирана да донира производи од канабис или масло за болни а финансиски немоќни, а не со милипнски банкарски гаранции чија цел е јасна-сузбивање на конкуренција“, смета Митровски.
Трагедијата, според него, е што утре да се дозволи извоз македонскиот канабис нема да влезе во ЕУ бидејки не исполнува стандарди.
„Повторно ќе потенцирам немаме намера да поддржуваме измени кои се наменети строго за бизнисот, а граѓани и болни жестоко да се гонат. Македонската легализација на канабис во медицински цели се претвори во легализација за бизнис цели и ништо повеќе. Мене лично ми.е неприфатливо да може некој да сади неограничен број растенија и да биде уважен бизнисмен, а истовремено јас да немам можност дома да си садам за болен родител или лично задоволство“, потенцира Митровски од „БИЛКА“.
Филип Достовски, активист од Зелена алтернатива, смета дека е лицемерно да се зборува за производство за медицински канабис, колку е итно да се извезува надвор во странство, а дома да се изоставени пациентите.
„Во странство да биде лек, ама за кај нас кога им треба на пациентите, тогаш ‘не е научно истражено, дрога е’?! Во цивилизирани земји е дозволено луѓе да си садат дома канабис. Така се уништува црниот пазар. На пациентите и корисниците, им треба слободен и безбеден пристап до канабис. Дали преку фирмите да се продава, како што треба, преку социјални клубови и сл., но плус луѓе дома да можат да си садат, како што прават европски земји. Дома да пријави колку ќе сади и да биде контролиран од државата. Ама, кој како сака – дали ќе купува или сади. Сакаме брашно да купуваме, ама немаме сите време да правиме леб. Ајвар сите правеа по дворови, сега почнаа да купуваат. Треба да има избор“, вели Достовски за Радио МОФ.
Според него, забраните само го зголемуваат црниот пазар. Ако граѓаните имаат можност дома да садат, смета тој, нема да мораат да купуваат албански канабис со пестициди, а со тоа нема да учествуваат во криминал, да финансираат криминал.
„Што е најважно, се заштитуваме од тешки метали и пестициди. Тоа никој не го контролира на нелегални канали. Од друга страна, извозот за сув цвет го поддржувам. Не одиме контра нив (компаниите н.з.), туку викаме ‘не’ заборавивте’“, смета Достовски.
Според него, требаат подобри законски решенија за пациентите со најразлични дијагнози и за корисниците, а канабисот да не биде „заглавен“ единствено во секторот здравство, туку да се прошири и во други фели и дејности, бидејќи од канабисот се прави и масло, се користи за био-гориво, за облека, храна итн.
Во однос за најавеното формирање на новата т.н. Агенција за канабис, смета дека би било позитивно доколку таа е независна, со советници и експерти и од невладини организации, со цел на едно место да се работи што се’ поврзано со канабис.
„Примарна дејност на Агенцијата ќе биде канабисот, а нема да биде туѓо тело каде канабисот ќе биде само точка на дневен ред. Сепак, не би била проблем толку кадарноста, туку евентуалната корупција, кој ќе стават за директор и сл. Ќе видиме, но јас сум песимист, знаејќи колку и како независно функционира земјава“, вели активистот Достовски.
Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ, во разговор со Радио МОФ, исто така го коментира формирањето на оваа Агенција. Морачанин вели дека треба да се финансира од буџетот, од сопствени извори и донации.
„Не треба да се овозможува финансирање од донации, затоа што тоа би можело да остави простор за некои непринципиелни договори и евентуална корупција… Сметаме дека штом се финансира од буџет и сопствени средства, нема потреба од дополнително финансирање со донации“, посочува Морачанин.
Пратеничката од зелената партија, коментира дека претходните законски измени од 2016, но и сегашните измени се рестриктивни, па смета дека се овозможува одгледување и производство на канабис само за правни лица кои дебело ќе вложат пари.
„Законот предвидува, и претходниот и овој, да има жичана ограда, во одредена висина, 24-часовен мониторинг, и сега дополнително се воведува и банкарска гаранција во износ од 300.000 евра. Целта на предлагачот на законот е практично со овие мерки да воспостави строга контрола и да елиминираат евентуални злоупотреби“, потенцира таа.
Од ДОМ сметаат дека треба да им се овозможи и на помалите фирми кои немаат такви финансии, да можат да се занимаваат со оваа дејност.
„Нелогично е за производство за одгледување на афион да немате такви високи критериуми, и со тоа може да се занимаваат и земјоделските стопанства, а за канабис, само правни лица. Сметаме дека би можеле и семејствата, земјоделските стопанства и правни лица кои што немаат такви високи финансии на располагање, да се занимаваат со одгледување и производство на канабис, и тоа би значело економски бенефит за самите граѓани. Така што, тоа е во интерес на отварање и на нови, зелени работни места, и на развој на зелената економија“, потенцира Морачанин.
Дополнително, вели таа, правните лица кои ќе се занимаваат со оваа дејност, ќе уплаќаат 20% од вкупната нето добивка во државниот буџет, а намената на средствата, пак, ќе се регулира со подзаконски акти. Според предлагачот, дополнува Морачанин, средствата ќе се користат за лекување на лицата со ретки болести, што за неа е позитивно.
„Но, добро е дел од тие средства, да бидат искористени и за пациентите, кои имаат потреба од лекување со препарати од канабис, бидејќи со досегашното решение, практично, не се постигна ефект пациентите да имаат бенефит. Сведоци сме дека се уште, производството на масло од канабис се врши индивидуално, луѓето имаат потреба, и тоа се разбира и предмет на препродажба на црниот пазар и поттикнува законски консеквенции и санкционирање како нелегална продажба“, посочува Морачанин.
Дел од средствата, потенцира таа, треба да бидат наменети и за лекување и рехабилитација на лицата кои се зависници од опојни дроги и психотропни супстанции.
Во однос на препишувањето на лекот, во предлог-Законот стои дека супстанциите и растенијата класифицирани во листите II и III можат да им се препишат на поединци во облик на лек и/или препарат и со лекарски рецепт, и тоа од доктори по медицина кои вршат здравствена дејност (матични лекари), доктори по стоматологија и доктори по ветеринарна медицина.
„Лекови/препарати кои содржат ТХЦ, дронабинол или набилон се препишуваат од избраниот лекар (доктор на медицина, специјалисти по општа, семејна медицина и педијатрија) по препорака од специјалист по неврологија, онкологија и радиотерапија и инфективни болести кој е вработен во јавна здравствена установа која врши болничка здравствена дејност“, се вели во предлог-Законот.
Здружението на компании-производители „Мак-канабис“ вчера повторно побара итно носење на Предлог-законот. Нагласија дека индустријата на светско ниво се развива и канабисот има широк размер во лекувањето на разни заболувања.
„Со законот ќе се воспостави целосна контрола над производството, злоупотребата и употребата за медицински цели на опојните дроги и психотропни супстанции, а со тоа и заштита на животот и здравјето на луѓето. При тоа ќе се овозможи домашните производители на канабис за медицински цели да го извезуваат својот производ на светските пазари“, потенцираа од „Мак-канабис“, тврдејќи дека загубите на производителите на канабис се повеќе од 50 милиони евра.
Од Министерството за здравство до објавување на текстот не добивме одговор на нашите прашања околу предностите на Предлог-законот. Министерот Венко Филипче вчера рече дека измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци ќе се овозможуваат подобра контрола, подобар развој, повеќе вработувања и стимулација на инвеститорите за раст и развој на оваа сфера. Согласно донесениот Закон во 2016 година, Филипче рече дека се издадени близу 40 лиценци за одгледување медицински канабис.
За законските решенија веќе реагирааа организации и иницијативи здружение под името „Операција Билка“. Иницијативата ја повика Антикорупциска да го истражи начинот на донесување на законот. Побараа Законот да се врати во Министерството за здравство, а Собранието да го задолжи Министерството да организира демократски и транспарентен процес на негово носење, пропратено со амандмани на Кривичниот закон и Законот за прекршоците со цел декриминализација на личната употреба на дроги.
За канабисот во изминативе години се одржаа неколку расправи и дискусии, каде доктори и експерти зборуваа за повеќе студии и искуства како со канабис се третира канцер, епилепсија, аутизам, ХИВ, Паркинсова болест, Алцхајмер, фибромијалгија, мултиплекс склероза, болки, несоници, депресија, најразлични болести и состојби…
Светската здравствена организација (СЗО) изминатава 2019 година препорача до владите да го отстранат канабисот од листата на наркотични дроги. Единствената конвенција на наркотични дроги кои се сметаат за особено опасни и без тераписка важност, признаена во 1961 година, досега го вбројуваше и канабисот. Оваа Конвенција ги поттикнуваше владите да го забрануваат производството, дистрибуцијата и употребата на дрогите кои ги содржи.
Бојан Шашевски
Мартин Колоски