Еден од основачите на популарниот торент-сервис „The Pirate Bay“, Peter Sunde планира да се кандидира на изборите за Европскиот парламент во 2014. Во објава на својот блог, Sunde објаснува дека неговите ставови и принципи околу споделувањето на информациите во денешниот свет најдобро ќе ги артикулира преку политички ангажман. Тој има фински корени и планира да биде кандидат на Финската пиратска партија, која веќе има двајца претставници во европското законодавно тело.
„Со моето разновидно искуство како хакер, активист, уметник и диџеј, нема да се вклопам во „обичните“ политички партии. Затоа ја одбрав Пиратската партија, која се фокусира на мал опсег проблеми и се вклопува во она што јас сакам да го постигнам“, вели Sunde во неодамнешно интервју.
Sunde, заедно со останатите основачи на The Pirate Bay во последните години постојано е на мета на тужби на компаниите од забавната индустрија. Во 2009, тој беше осуден на една година затвор и мораше да плати отштета од речиси еден милион долари. Sunde се уште не ја одлежал затворската казна, но според Финската пиратска партија, таа нема да биде пречка за неговата кандидатура.