ЗНМ: Да се поништи конкурсот за нови членови во Надзорниот одбор на МРТ

Здружението на новинарите на Македонија бара да се повлече одлуката на Програмскиот совет на МРТ за распишување на јавен конкурс за избор на членови на Надзорниот одбор на јавниот радиодифузен сервис во услови кога мандатот на членовите на овој совет е истечен.

Мандатот на Програмскиот совет истече во декември 2019 година и од тие причини сметаме дека е проблематично тие да избираат нови членови на Надзорниот одборот кој треба да врши контрола на материјалното и финансиското работење на јавниот сервис во идните години. Освен тоа што мандатот на овој состав на Програмскиот совет е истечен, дел од членовите имаат и конфликт на интерес според законот и ова претставува дополнителен проблем за одлуките на ова тело.

Со обидот да се изберат нови членови на Надзорниот одбор на овој начин, се прекршуваат и препораките на Советот на Европа, конкретно препораката број 96 која се однесува на гарантирање на независноста на јавните сервиси. Во глава три од оваа препорака која се однесува на работата на Надзорните органи, се вели дека членовите потребно е да се изберат од тело предвидено со закон на начин со кој ќе се избегне ризик од политичко или друго влијание.

Потсетуваме дека изборот на нови членови на Програмскиот совет е блокиран веќе речиси една година во Комисијата за избори и именувања во Собранието на РСМ. ЗНМ во повеќе наврати реагираше дека членовите на оваа Комисија мора да најдат заеднички јазик и да ги изберат новите членови на Советот. Бараме оваа комисија итно да одржи седница и да ги избере најсоодветните кандидати за Програмскиот совет како и за Советот на АВМУ со цел да се овозможи почеток на медиумските реформи во овие две институции.