Во скопската населба Карпош 4, долж Кејот на реката Вардар, после Aлпинистичката карпа до бунарите на река Лепенец, најавена е нов зелена површина на површина од 60.000 метри квадратни.
Градоначалниците на Општина Карпош и Град Скопје, Стефан Богоев и Петре Шилегов, денеска на прес-конференција зборуваа за деталите околу уредувањето на овој простор, потенцирајќи дека Градот ќе распише конкурс за избор на идејно решение за паркот, со цел, како што велат, во уредувањето на јавниот простор да биде вклучена и јавноста.
Од Карпош потенцираат дека на оваа локација биле одложени остатоци од скопскиот земјотрес (1963 година), а долги години, велат тие, претставуваше место кадешто се фрлаше градежен шут, се палеа огнови на отворено и се создавааа диви депонии.
„Сакам да истакнам дека во должина на овој потег, веќе интензивно се работи на Спортско – адреналинскиот парк“, рече градоначалникот на Карпош, Богоев.
На овој начин, велат од Карпош, со уредувањето на делот од Алпинистичката карпа до бунарите на реката Лепенец, се добива нов зелен појас.
„Грдата децениска слика ќе биде заменета со ново зеленило кое редовно ќе се одржува, со ботаничка градина, како и содржини за рекреација на младите, на возрасните, односно за сите граѓани“, рече Богоев.
Градоначалникот Шилегов истакна дека една по една, неуредените јавни површини се претвораат во паркови.
„Механизација ќе започне да работи на терен со рамнење на земјата за новиот зелен простор. Овој нов парк, по површина ќе биде колку шест паркови „Ибни Пајко“ (кај Македонска филхармонија). Ова е уште еден голем влог во заштитата на животната средина и во подобрувањето на амбиенталниот воздух“, соопштуваат властите.