НАкС: Крајната цел е колективен договор за вработените

Независниот академски синдикат (НАкС) преку соопштение до јавноста велат дека ќе продолжат со своите активности за да ја реализира својата крајна цел – колективен договор.

Со него, велат тие, на вработените ќе им бидат гарантирани плати согласно утврдени коефициенти во распон од 5 : 1 во однос на минималната плата, вклучително и за ненаставниот кадар кој треба да биде плаќан согласно степенот на сложеност на работното место, а МОН ќе преземе обврска од основиот буџет да ги покрива трошоците за минат труд, надоместоци на плата и сѐ што е неопходно за да се обезбедат соодветни услови за работа.

„И нема да останеме само на ова, затоа што подобрувањето на социо-економскиот статус на вработените е само една коцка во сложувалката – квалитетно високо образование“, стои во соопштението на НАкС.

Од НАкС во соопштението и ретроспективно даваат повеќе аспекти од делувањето на постојните синдикати во високото образование, за актуелното покачување на платите на вработените на јавните универзитети, како и за иницијативата на ректорите за формирање нови синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Од НАкС, меѓу другото, потенцираат дека се произлезени како автентична иницијатива на активни членови на Професорскиот пленум, со цел борбата за квалитетно високо образование и за правичен и достоинствен третман на академската заедница да добие неопходна институционална форма, односно дека се формирани во 2016, а беа вкучени и во подготовката на новиот Закон за високо образование.

Се жалат дека ректорот Јанкуловски на ниеден начин ја нема прифатено понудената соработка од НАкС ниту, пак, НАкС има добиено каква и да било поддршка од УКИМ.

„Напротив, Ректорите на УКИМ и на УКЛО на 21.01.2020 со дописи испратени до вработените преку деканатите на единиците иницираа формирање нов синдикат, игнорирајќи го постоењето на НАкС, но и на СОНК – синдикат што исто така делува во високото образование. Образложението за ваквиот чин е дека мора да се потпише колективен договор на ниво на работодавач, и тоа единствено со нов репрезентативен синдикат, со еден единствен член на договорот – еднократно покачување на платите од 10% како единствен начин вработените да го добијат ветеното покачување на платите. Така, вработените на УКИМ и УКЛО добија организиран повик за зачленување и пристапница само за новиот синдикат во основање. Ниту еден вработен на УКИМ, досега, нема јавно преземено одговорност за иницијативата за основање ваков синдикат“, се вели во соопштението.

Објаснуваат дека досега НАкС ја алармираше акадекската заедница, пошироката јавност и надлежните министерства, а остварени се и средби со Министерот Адеми и Заменикот претседател на Владата Царовска, на која детално им ги образложиле своите аргументи за штетноста од потпишување колективен договор со само еден член.

„Претставниците на Владата се оградија од тврдењето на Ректорот Јанкуловски дека тие го сугерирале основањето на новите синдикати и се обврзаа да нѐ известат за нивната одлука дали исплатата на покачувањето ќе се реализира со постоечките правни модалитети или, пак, со потпишување грански колективен договор. Намерно или од незнаење, во своите јавни настапи, Ректорот Јанкуловски продолжи да ги дезинформира вработените на УКИМ и пошироката јавност, дека потпишувањето колективен договор е единствениот начин вработените да го добијат ветеното покачување на платите, како и да го поддржува јавно и отворено новиот синдикат. Кулминација претставува неговото последно соопштение од 31.01.2020 во коешто тој, во име на Владата, известува дека Владата одлучила да пристапи кон измена на закон со цел да се реализира покачувањето на платите од 10 % и дека тоа било всушност првобитниот став на ректорите“, велат од НАкС.

НАкС до денес нема добиено официјално известување од МОН за начинот на кој ќе се реализира покачувањето на платите од 10%.

„Но, доколку е навистина донесена одлука покачувањето да се реализира преку законски измени, тоа го сметаме за добар почеток на соработката со Владата и со МОН и цениме дека сме постигнале една цел. Сепак, укажуваме дека колективниот договор е највисокото можно ниво на заштита на работниците и нивните права и дека притоа логичниот редослед е најпрвин да се потпише колективен договор на ниво на гранка, во случајов ‘образование’ или оддел ‘високо образование и наука’, па потоа да се потпишуваат колективни договори на ниво на работодавач, односно универзитет и дека НАкС ќе продолжи да работи во таа насока како релевантен фактор за колективно преговарање“, велат од НАкС.

Што се однесува до продолжувањето на активностите на новите синдикати, сметаат тие, апсурдно е Ректорот на УКИМ да се повикува на слободата на синдикалното здружување.

„И притоа, отворено да застане зад еден префериран синдикат, а јавно и отворено да дискредитира друг, заборавајќи притоа дека поголем дел од членовите на НАкС се вработени на УКИМ“, соопштуваат од НАкС.